Подметнувачот на пожарот во студиото за анимации во Јапонија имал ментални проблеми

16

Осомничениот за подметнување пожар во студиото за анимации, при што загинаа 33 луѓе, во едно од најлошите масовни убиства во последните 20 години во Јапонија, претходно бил осуден за кражба и бил на лекување поради ментална болест, пренесе телевизијата НХК.

Полицијата го идентификувала како 41-годишен Шињи Аоба, осуден на три и пол години затворска казна поради кражба во 2012 година.

Откако бил пуштен од затвор, Аоба некое време поминал во установа за поранешни затвореници. Примал и лекови за менталната болест.

Аобе вчера влегол во трикатната зграда извикувајќи – Умрете!, тврдејќи дека бил плагиран, по што го полил студиото со запаллива течност, најверојатно бензин и го запалил.

Во пожарот загинаа 33 луѓе, а 10 се во критична состојба, објавија властите во Токио. Како што се наведува, тој го планирал нападот. Тој изгледал незадоволно, луто, викал нешто дека бил плагиран, рекла некоја жена која била присутна на местото кога полицијата го привела напаѓачот.

Осомничениот немал никаква врска со студиото „Кјото анимејшн“, а на неговата возачка дозвола е впишана адреса во Саитам, северно предградие на Токио. Кога го уапсила полиција признал дека го подметнал пожарот бидејќи студиото му го украло романот.