Подемот на синот на Бин Ладен потврден со брак во знакот на 11 септември

300

Хамза бин Ладен, синот на озлогласениот лидер на Ал каеда, Осама бин Ладен, стапил во брак со ќерката на Мохамед Ата, водачот на терористичките напади од 11 септември 2001 година во Њујорк, пренесува „Гардијан“.

Информацијата ја потврдија полубраќата на Хамза, Ахмад и Хасан ал Атас, во текот на неодамнешното интервју за британскиот весник. Тие сметаат дека Хамза зазема водечка позиција во Ал каеда и има намера да ја одмазди смртта на неговиот татко, кој беше убиен во акција на американските единици во Пакистан, пред седум години. 

Хамза бин Ладен е син на Харија Сабар, една од трите преостанати сопруги на Осама бин Ладен, која живееше со озлогласениот терорист во неговиот бункер во Пакистан, пред тој да биде убиен.

Хамза оттогаш јавно ги повикуваше следбениците на неговиот татко да водат војна против Вашингтон, Лондон, Париз и против Тел Авив, со што се смета дека тој е заменик на сегашниот водач на Ал каеда, Ајман ал Завахири.

Западните разузнавачки служби се насочени кон откривање на местото на престојување на Хамза бин Ладен во последните две години, бидејќи веруваат оти тој би можел да ги обедини следбениците на неговиот татко. Згора, тие сметаат дека бракот го потврдува неговиот подем и значај во терористичката организација.

Писмата напишани од Осама бин Ладен, пронајдени во неговиот бункер, сугерираат оти тој го подготвувал Хамза за негов наследник, што ќе ја одмазди и смртта на неговиот син Саад, кој беше убиен во напад со дрон во Авганистан во 2009 година.

Преживеаните сопруги и деца на некогашниот најпознат светски терорист се вратија во Саудиска Арабија, каде што властите им пружија засолниште.

САД го означија Хамза бин Ладен како терорист кој претставува глобална опасност во јануари минатата година, заканувајќи се со заплена на неговиот имот, како и со апсење на оние што му помагаат.

Семејството истакна дека нема контакт со Хамза бин Ладен.

– Ако Хамза беше тука, ќе му кажев, Бог нека го води. Помисли двапати што правиш. Немој да ги правиш истите чекори како твојот татко. Навлегуваш во мрачни и грозни делови на твојата душа – кажа Хасан ал Атас, во интервјуто за „Гардијан“.