Подемот на автократиите го означува крајот на глобалната надмоќ на Западот

400
Доналд Трамп (лево) и Си Џинпинг

Поредокот воспоставен по 1945 година е нарушен и никогаш нема да се врати во стариот облик

Подемот на автократијата и на десничарскиот популизам, неговиот западен демократски роднина, е повод за оправдана загриженост дека либералните политички вредности и владеењето на правото се движат кон пропаст, пишува Тони Барбер во неговата колумна „Подемот на автократиите го означува крајот на глобалната надмоќ на Западот“ за „Фајненшл тајмс“.

Но годинава, ниту за автократските држави како што се Кина и Русија, ниту за десничарските популистички лидери во САД, Италија и во другите западни земји, не оди се според планот. Таквата ситуација сугерира дека е прерано за отпишување на можноста за глобално управување, иако поредокот воспоставен по 1945 година врз основа на воведени правила, воглавно според инструкциите од САД, се урива и никогаш нема да се врати во стариот облик.

Во годишниот извештај „Слободата во светот“ на непартиската организација финансирана од американската влада, Фридом хаус, е нагласено дека глобалната слобода е во опаѓање 13 години во низа, помеѓу 2006 и 2018 година. За време на овој период 116 држави искусиле намалување на слободата, а само 63 зголемување според Фридом хаус. САД се рангирани како слободна држава, но зад Франција, Германија и зад Обединетото Кралство, како резултат на ерозијата во владеењето на правото под власта на администрацијата на Доналд Трамп.

Слични грижи се појавија и во „Индексот за владеењето на правото“ на „Проектот за правда во светот“, граѓанската иницијатива со седиште во Вашингтон. Според оваа студија ограничувањата на моќта на владите, како што се независното судство, слободните медиуми и легислативниот надзор, значително опаднаа во државите како што се Кина, Египет, Унгарија, Филипините и Турција.

– Една од највпечатливите појави во врска со деградацијата на владеењето на правото е тоа што е изразена преку преку законите и легалните институции. Правото само по себе е киднапирано и користено за намалување на контролата на власта – вели Елизабет Андерсен, извршна директорка на „Проектот за правда во светот“.

Ништо помалку вознемирувачки тренд претставува заканата за слободно изразување во обликот за закони за цензура, нападите врз независните издавачи на книги и притисокот од властите врз образованите луѓе кои одбиваат да се потчинат. Турскиот министер за образование Зија Селчук, во август објави дека власта на претседателот Реџеп Таип Ердоган отстранила и уништила повеќе од 300 илјади книги од училиштата и библиотеките по неуспешниот воен удар во 2016 година. Властите во Кина предводени од лидерот Си Џинпинг, од 2012 година затворија книжарници кои продаваат материјал критичен за комунистичката партија, го засилија притисокот врз независните академски автори и укинаа голем дел од пристапот до нецензурираните информации на Интернет.

Наспроти пречките за индивидувалните слободи, политичкиот плурализам и за владеењето на правото, светските автократи и десничарски популистички лидери се соочија со зголемен отпор од нивните држави, граѓани и јавни институции во текот на 2019 година. Лидерот на италијанската партија Лига, Матео Салвини, ги загуби функциите на заменик-премиер и министер за внатрешни работи, откако ги потцени своите можности за изнудување на предвремени избори на кои би станал неоспорен моќник. Иако Лига има поголема поддршка од другите партии, нејзината популарност опадна по неуспешниот гамбит на Салвини, кој се совпадна со неуспехот за предводење на партиите од крајната десница на ЕУ до победа на европските избори во мај.

Слично како него, Доналд Трамп се најде во веројатно најсериозната криза на неговото претседателство откако се вмеша во обидот за дискредитирање на Џо Бајден, поранешниот потпретседател од Демократската партија и ривал во претседателската трка во 2020 година, со помошта на украинскиот претседател Владимир Зеленски. Истрагата за импичмент е во тек во претставничкиот дом на Конгресот, и покрај одбивањето на Белата куќа за соработка. Во меѓувреме, масовните протести во Хонгконг еволуираа во текот на изминатите седум месеци, од противење на законот за екстрадиција до пошироки барања според кои кинеската влада треба да ги почитува основните демократски права, што го вети по преземање контрола врз територијата во 1997 година.

Москва беше опфатена од најголемите антивладини демонстрации забележани во руската престолнина уште од зимата во 2011 година. Искра за протестите претставуваше одлуката на властите за забрана за опозициските кандидати за учество на локалните избори. Партијата на Владимир Путин Обединета Русија, претрпе тешки загуби откако опозициската кампања повика на „паметно гласање“, односно гласање за кои било кандидати настрана од осведочените лојалисти на Путин. Поширока слика претставува опаѓањето на популарноста на Путин, како резултат на јавното незадоволство со стагнацијата на животниот стандард, промените во пензискиот систем, наштетувањето на животната средина и непреченото користење на моќта на полицијата и на безбедносните сили.

Доколку десничарскиот популизам не успее да оствари подлабоко навлегување во западните политички системи поради нереалните ветувања и политичка конфузија во текот на владеењето, намерното нарушување на глобалниот поредок воспоставен по 1945 година, веројатно ќе забави. Ова особено се однесува на САД, каде што промената на моќта по претседателските избори во 2020 година би можела значително да го намали непријателството на Белата куќа и скептицизмот кон мултилатералните глобални институции. Зголемените внатрешни предизвици на автократските системи, како што се Русија и Турција, би можеле да го засилат овој тренд.

Но, најпознатиот долгорочен тренд во меѓународните односи во изминатите 30 години претставува подемот на Кина и забрзаната промена во економската моќ од Западот кон регионот Азија-Пацифик. Ова само по себе значи дека поредокот дизајниран од Вашингтон по 1945 година, создаден воглавно за користа на САД, Европа, Јапонија и нивните сојузници, ќе го отстапи местото во однос на подисперзиран облик на глобално управување. За Западот, тешка реалност, не претставува триумфот на автократијата и неуспехот на демократијата, туку дека неговата 500-годишната ера на глобална доминација се ближи кон крајот.