Повторувањето на боливиското сценарио наиде на пречка во Венецуела

342
Николас Мадуро (десно) и Ево Моралес

Оставката на Ево Моралес од претседателската функција во Боливија им даде надеж на опозициските лидери во Венецуела што се обидуваат да ја срушат социјалистичката влада на нивната држава, но еден клучен фактор ги спречува во спроведување на „боливиското сценарио“ против претседателот Николас Мадуро, пренесува „Ројтерс“.

Станува збор за одбивањето на венецуелската војска да премине на страната на опозицијата, како што тоа го стори боливиската војска во неделата. Венецуелските касарни цврсто го поддржуваат владеењето на Социјалистичката партија и покрај економскиот колапс и двата брана на протести во 2014 и во 2017 година, како и обвинувањата за нерегуларности при реизборот на Мадуро минатата година.

Опозицискиот лидер Хуан Гваидо е признаен од повеќе од 50 држави како претседател на Венецуела, но тој и натаму не успеа да ја присвои војската за да ја оттргне од Мадуро. Десетина офицери му се придружија на Гваидо на 30 април во обидот да го убедат воениот врв да го стори истото, но немаа успех при обидот за државен удар.

Според сознанијата на „Ројтерс“ венецуелската војска е под големо влијание од кубанските разузнавачи кои се присутни во јужноамериканската држава, а кадровските промени во војската спроведени од поранешниот венецуелски претседател Уго Чавез на почетокот на 2000-те години ја зацврстија верноста на воениот врв кон власта.

Згора, боливиската војска никогаш немала идеолошка поврзаност до левичарската политика или до владејачката партија, како што е случајот во Венецуела, посочува боливискиот универзитетски професор Франклин Пареха.

Боливискиот командант на вооружените сили Вилијамс Калиман јавно го повика Моралес да се повлече, што е спротивно на реакцијата на венецуелскиот министер за одбрана Владимир Падрино, кој повторно изрази верност кон претседателот Мадуро, наспроти уличните протести.

Опозицијата во Венецуела сепак се надева дека успехот на протестите во Боливија ќе им помогне да ги поттикнат новите демонстрации на кои повикаа приврзаниците на Гваидо.