Повторно судири во Хонгконг – демонстрантите гаѓаа со молотови коктели, полицијата со солзавец

107

Во Хонгконг денеска, по период на мало затишје, дојде до нов судир меѓу полицијата и демонстрантите.

Полицијата пукаше со солзавец за да растера стотици демонстранти облечени во црно, за време на митингот со кој се одбележаа шест месеци откако властите извршија рација во една метро станица и уапсија демонстранти.

Некои од демонстрантите беа опремени со молотови коктели, а еден од нив гаѓал и кон полициско возило, но промашил.

Полициски службеник како предупредување извадил пиштол откако демонстрантите го гаѓале со пластични шишиња и чадори, пренесоа светските агенции.

Во поранешната британска колонија, која сега е полуавтономен административен кинески регион, повеќе месеци се протестира против обидите за засилено кинеско влијание. Протестите беа иницирани од контроверзниот закон за екстрадиција на обвинети од Хонгконг во Кина, кој потоа беше повлечен.

Сепак, протестите не стивнаа и прераснаа во демонстрации за поголеми права и слободи насочени кон властите во Хонгконг.

Протестите ескалираа во јуни минатата година, но подоцна стравувањата од коронавирусот задржаа многу од демонстрантите во нивните домови.