Повторно врие во Ормутскиот Теснец

541

Иранската државна телевизија објави дека силите на Револуционерната гарда во Персискиот Залив заплениле странски танкер со 12 членови на екипажот обвинети за шверц на нафта, пренесува „Гардијан“.

Во денешниот извештај стои дека танкерот пренесувал нафта од ирански шверцери до странски клиенти и бил пресретнат јужно од иранскиот остров Ларак во Ормутскиот Теснец, кој е еден од главните патишта за превоз на нафта.

Телевизијата не го идентификуваше танкерот и не извести од која земја потекнува екипажот, но соопшти дека танкерот бил пресретнат во неделата откако бил испратен повик за помош.

– Запленет беше странски брод кој шверцуваше еден милион литри нафта на островот Ларак во Персискиот Залив. Бродот кој Иран го влечеше во водите по добивањето на повикот за помош, подоцна беше запленет по наредба од судот, кога дознавме дека станува збор за шверц на нафта – соопштија од телевизијата.

Минатата недела Иран ја повика Велика Британија да го ослободи запленетиот нафтен танкер и ги предупреди западните сили да го напуштат регионот поради тоа што тие и другите земји од регионот се сопособи да ја одржат безбедноста во овој дел до земјата. Неколку дена пред тоа, Кралската морнарица на Британија заплени ирански нафтен танкер под сомнение дека ги крши европските санкции со транспортирање на нафта во Сирија.