Повлекувањето на Американците ќе предизвика граѓанска војна во Авганистан?

199

Повлекувањето на американските воени трупи од Авганистани не е чесно повлекување, туку капитулација. Најдобриот исход на кој што Американците ќе можат да се надеваат во излезните преговори со Талибанците е тоа нивните трупи да ја напуштат земјата за време на воено примирје. По повеќе од 17 години конфликт со најмалку 38 илјади убиени цивили и уште многу милиони повредени луѓе, не е исполнета ниту една цел поставена од Џорџ Буш помладиот уште од инвазијата на земјата во 2001 година. Накратко, САД ја загуби војната во Авганистан, и тоа загуби многу лошо, пишува во анализата на британски „Гардијан“.

Терористите на Ал Каеда кои го користеа Авганистан како база од која ги организираа нападите на 11 септември 2001 година на кулите „Близначки“ во Њујорк не се целосно поразени, како што вети Буш. Поранешниот лидер на организацијата Осама Бин Ладен е убиен, но терористичката група, како и Исламската држава, минатата година успејаа да заземат територии во Авганистан, според експертите на Обединетите нации. Малку е веројатно дека лидерите во иднина ќе успеат да ги спречат џихадистите уште еднаш да искористат делови од земјата како „безбедносен рај“ дури и ако сериозно се обидат.

– Идејата промовирана од повеќе американски администрации и НАТО партнери дека Авганистан може да биде модел за реизградба на една нација веќе долго време јасно е дека може да се карактеризира само како „фантазија на неолибералите“ – констатира колумнистот на „Гардијан“, Симон Тисдал.

Уште една заблуда што постои во тврдењата е дека авганистанските безбедносни сили можат да бидат подготвени и опремени и без надворешна помош можат да ги контролираат Талибанците, а со тоа и сопствената држава. И покрај силните напори на НАТО, 30 до 40 авганистански војници и полицајци беа убивани секој ден минатата есен, а вкупно 45 илјади авганистански војници беа убиени од 2014 година. Зголемувањето на смртноста на тамошната војска покажува дека повлекувањето на трупите на западните земји во Авганистан создава сериозни проблеми.

И покрај големата дипломатска и развојна помош, владата на Авганистан има ограничена контрола зад барикадираните безбедносни зони во Кабул, а Талибанците одбиваат да пристапат на преговорите за повлекување. Уште еднаш, оваа ситуација покажува дека во моментот кога американската војска ќе ја напушти земјата, ситуацијата може да ескалира во граѓанска војна која ќе ги вклучи владините сили, џихадистички групи и ривални воени команданти во пресликување на ситуацијата од 1990 година. Лани, во земјата имаше рекордна бројка на загинати цивили од терористички бомбардирања, интензивирани конфликти и зголемени американски воени напади.

Дури и ако се каже дека најлошото е одбегнато, граѓанските организации и луѓето во образованието, јавното здравство и организациите за правата на жените оправдано се плашат од инклузијата на Сунитските фундаменталисти во било која политичка институција. И покрај уверувањата за спротивното, враќањето на „тврдокорните“ Талибанци на позиции на моќ предвестуваат нова ера на регресија, дискриминација и биготизам. Па така, се поставува прашањето за тоа колку време владата во Авганистан ќе може да издржи на сите овие притисоци? Според „Гардијан“, како и во минатото, земјата набрзо ќе се врати на старите практики и повторно ќе се создадат услови за слободна „игри за влијанија“ кое ќе ги вклучи Пакистан, Индија, Русија, Иран и Кина.

– Може да се каже дека Американците во Авганистан позади себе оставаат хаос кои сами го создадоа, многу повеќе од било кој друг странски фактор – пишува „Гардијан“.