Повици да не се прекинува истрагата за руското мешање во изборите

66

Трамп го критикуваше со месеци Сешнс, најмногу поради неговото одбивање да ја води истрагата за наводното руско мешање во претседателските избори во 2016 година. Неговата функција привремено ќе ја преземе Метју Витакер, кој, пак, претходно отворено ја критикуваше истрагата на специјалниот советник Роберт Милер

Американскиот претседател Доналд Трамп го отпушти јавниот обвинител Џеф Сешнс, кој беше цел на критики на шефот на Белата куќа. Трамп го критикуваше со месеци Сешнс, најмногу поради неговото одбивање да ја води истрагата за наводното руско мешање во претседателските избори во 2016 година. Неговата функција привремено ќе ја преземе Метју Витакер, кој, пак, претходно отворено ја критикуваше истрагата на специјалниот советник Роберт Милер. Милер ги истражува наводната соработка помеѓу изборниот тим на Трамп и официјални претставници на Русија. Досегашната истрага за руската афера резултира со серија обвиненија против неколку блиски соработници на Трамп, пренесува Би-би-си.
Во писмото за оставка, Сешнс јасно стави до знаење дека одлуката за заминување не е негова.

– Почитуван претседателе, по ваше барање ја поднесувам мојата оставка. Најважно е тоа дека во мојот мандат како јавен обвинител повторно го вративме и поддржавме владеењето на правото – истакнува Сешнс.

Трамп постојано го критикуваше јавниот обвинител откако тој одлучи да се тргне од истрагата за руската афера во март 2017 година. Во јули 2017 година, Трамп порача за „Њујорк тајмс“ дека Сешнс не требаше да се изземе од истрагата.

– Ако веќе планираше да се изземе од истрагата, требаше да ми каже пред да ја прифати функцијата и ќе изберев некој друг наместо него – наведе Трамп.

Сешнс самиот се тргна од истрагата откако демократите го обвинија дека не ги пријавил своите контакти со рускиот амбасадор во сведочењето пред Сенатот. Јавниот обвинител подоцна изјави дека заборавил на тие средби, кои се случиле во текот на претседателската кампања на Трамп. Поради таквата одлука, Трамп повеќепати го нарече Сешнс дека е „слабак“ и за срамење.

Сега Витакер може да ја преземе контролата врз истрагата на Милер, која досега беше под контрола на заменик-јавниот обвинител Род Розенстајн. Трамп не може директно да ја прекине истрагата на специјалниот советник, која ја отфрли како „најголемиот лов на вештерки во историјата“. Но замената на Сешнс ќе има овластување да го отпушти Милер или, пак, да ја прекине истрагата.

Витакер досега не ја криеше неговата загриженост за истрагата. Па така, на пример, во август 2017 година, во статија за Си-ен-ен, тој порача дека истрагата во финансиите на Трамп или неговото семејство е надвор од мандатот на специјалниот советник. Витакер дури и го повика Розенстајн да му нареди на Милер да го ограничи опсегот на истрагата, бидејќи ризикува таа да „изгледа на политичка рибарска експедиција“.

Отпуштањето на Сешнс предизвика гневни реакции кај раководството на Демократската партија. Лидерката на демократите во Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, го обвини Трамп за попречување на истрагата.

– Невозможно е поинаку да се толкува отпуштањето на јавниот обвинител освен како уште еден груб обид на претседателот Трамп за поткопување и ставање крај на истрагата на специјалниот советник Милер – порача Пелоси.

Бившиот јавен обвинител Ерик Холдер, кој беше на функција во текот на мандатот на Барак Обама, истакна дека секој што ќе се обиде да се меша во истрагата на Милер „мора да преземе одговорност“.

Од друга страна, републиканскиот сенатор Линдзи Греам ја поддржа одлуката на шефот на Белата куќа.

– Очекувам да работам со претседателот Трамп за наоѓање добар, вреден наследник, за да можеме да почнеме ново поглавје во Министерството за правда – изјави Греам.
Греам претходно беше посочен како наследник на Сешнс, но тој ги отфрли таквите информации, порачувајќи дека ќе остане во Сенатот.


Белата куќа му ја укина акредитацијата на дописникот на Си-ен-ен

Белата куќа соопшти дека привремено му ја укинува акредитацијата на дописникот на телевизиската мрежа Си-ен-ен, Џим Акоста. Одлуката за одземање на акредитацијата на Акоста следува по неговиот инцидент со американскиот претседател Доналд Трамп за време на прес-конференцијата во Белата куќа посветена на изборите во САД.
Спорот почна кога Акоста му постави прашање на Трамп околу т.н. карван со мигранти од Централна Америка што се движат кон САД, а кога новинарот се обиде да постави потпрашање, американскиот претседател само рече: „Доволно е“, при што службеничка во Белата куќа се обиде да му го одземе микрофонот на дописникот на Си-ен-ен. Нејзиниот обид меѓутоа беше безуспешен, по што Акоста продолжи со прашањата.