Повици во САД да се намалат полициските буџети

42
Средствата за полициските служби во САД достигнале 115 милијарди долари

На демонстрациите се слушаат повици за намалување на средствата за полициските служби како решение за намалување на полициската бруталност. Идејата сега добива поддршка и од градоначалници, гувернери и од законодавци

Подготвил: Игор Даниловиќ

Намалувањето на буџетите на полициските служби е еден од главните повици на демонстрациите против полициската бруталност и расизмот во САД. Активистите долго време бараат намалување на полициските буџети како решение за намалување на полициската бруталност, но нивните повици сега добиваат поддршка од градоначалници, гувернери и законодавци. Тие првпат бараат намалување на полицискиот буџет и пренасочување на средствата, посочува „Гардијан“.
Активистите велат дека дел од парите што се трошат на полициските служби и на затворските системи, за кои тие велат дека се расистички, треба да се реинвестира во домување, вработување, јавно здравје, образование и во други клучни сфери. Според нив, тоа е најдобро решение, зашто досегашните реформи не дале резултати, што се гледа и од најновиот случај со Џорџ Флојд.

Според една анализа, буџетите на полициските служби во изминатите четири децении трикратно се зголемиле и достигнале 115 милијарди долари. Тоа зголемување доаѓа во момент кога криминалот постојано опаѓа. Во повеќето градови, трошењето за полицијата е значително поголемо од трошењето на услуги и други оддели. Ковид-19 ги натера градовите значително да ги намалат буџетите во други области, како образование, уметност и култура и слично, но полициските буџети се зголемија или останаа недопрени, барем до најновите протести. Сега повеќе градоначалници и гувернери најавуваат намалување, што наиде на жестока реакција на полициските синдикати, кои сметаат дека тоа ќе ги направи градовите помалку безбедни.


Стотици илјади маршираа за расна правда

Најновите протести се главно мирни и без поголеми инциденти

Стотици илјади Американци излегоа на улиците, во големите градови и во малите градови, од источниот до западниот брег, во едни од најголемите протести во земјата против полициското насилство и системскиот расизам предизвикан од полициското убиство на Џорџ Флојд во Минеаполис. Демонстрациите за време на викендот главно беа мирни и без поголеми инциденти, за разлика од претходните денови, кога повеќето градови личеа на воени зони и имаше безброј судири меѓу демонстрантите и полицијата.

Во главниот град Вашингтон се одржаа најголемите протести, кои го потресоа американскиот политички систем, од 25 мај, кога Афроамериканецот Џорџ Флојд почина за време на апсење во Минеаполис, додека полицаец речиси девет минути го притискаше со колено врз вратот. Полиција, федерални агенти и воени возила затворија голем дел од центарот на Вашингтон за сообраќај за да се избегнат евентуални судири. Многумина се собраа во близината на Белата куќа, каде што беа поставени огради и бетонски барикади со кои беа затворени парковите. Големи протести се одржаа и во Њујорк, Филаделфија, Сиетл, Чикаго и во Лос Анџелес. Помали протести беа одржани во помалите градови, предградијата и руралните средини.

Протести за поддршка се одржаа и во Берлин, Париз, Лондон и во други градови низ Европа, а демонстрантите во Лондон се судрија со полицијата.