Повеќе од 400 илјади Сиријци од Турција се вратиле дома

104

Во моментот Турција е домаќин на 3,58 милиони Сиријци, додека повеќе од 400.000 од нив се вратиле во својата земја, објави турското Министерство за внатрешни работи.

Иако во Турција сè уште има повеќе сириски бегалци отколку во која било друга земја во светот, според податоците на Министерството, прекуграничните антитерористички операции на Турција во северна Сирија од 2016 година овозможиле стотици илјади Сиријци да се вратат во својата земја.

Исмаил Катакли, портпарол на турското Министерство за внатрешни работи, исто така, ги претставил најновите податоци поврзани со антитерористичките операции низ целата земја во април.

– Беа извршени 8.163 операции во руралните области, вклучително три големи операции и 27 средни операции, а 252 операции беа извршени во градовите – рече Катакли, пренесува агенцијата Анадолу (АА).

Истакнувајќи дека терористичката организација ЈПГ/ПКК има најмал број на регрути досега, тој рече дека тие успеале да привлечат само 13 нови членови од почетокот на годинава.

Катакли, исто така, рече дека 37 терористи биле неутрализирани за време на антитерористичките операции во април.

Тој, исто така, кажа дека во својата терористичка кампања против Турција која трае повеќе од 30 години, ПКК, која Турција, САД и Европската Унија ја сметаат за терористичка организација, е одговорна за смртта на 40.000 луѓе, вклучително и жени и деца. ЈПГ е сириски огранок на ПКК.