Планетата стравува од последиците додека горат светските шуми

83

Разорен оган ги уништува шумите на Сибир, додека на другиот крај од светот гори и дождовната шума Амазон, а бројот на шумски пожари во Европската Унија (ЕУ) се зголемил за трипати годинава, со што станува извесно дека станува збор за глобален проблем кој ќе има сериозни последици, пренесуваат светските медиуми.

Заедничко за пожарите во Сибир и во Амазон претставува големото испуштено количество на чад. Над Сибир има облак што зазема површина од седум милиони квадратни километри, што е значително поголема во однос на површината на ЕУ која изнесува 4,476 милиони квадратни километри. Во Амазон е создаден сличен феномен, каде што се проценува дека површината во Латинска Америка зафатена од чадот изнесува околу 3,2 милиони квадратни километри. Гринпис проценува дека пожарот во Сибир емитирал исто количество на јаглероден диоксид како и 36 милиони автомобили во текот на една година.

Научниците предупредуваат дека густите слоеви на чад можат да влијаат врз локалните временски услови, спречувајќи го протокот на сончевата енергија, но и формирањето на облаците. Ваквата појава влијае врз загревањето на атмосферата, како и врз ладењето на површината.

Во ЕУ, пак, се забележани 1.626 шумски пожари годинава, што е повеќе од трипати во однос на просекот забележан во изминатата деценија, кој изнесува 464 пожари годишно, според податоците на информацискиот систем за европски шумски пожари (ЕФФИС).