Пит Бутиџиџ не е агент на ЦИА, наспроти теориите на заговор

243

Историјата на агенцијата со аматерско и крваво справување со странските операции ја прогонува американската политика

Автор: Џастин Линг

Форин полиси

Тесната победа на американскиот претседателски кандидат Пит Бутиџиџ на гласањето во Ајова на почетокот од месецов на крајот прерасна во пирова победа. Насловите во медиумите доминираа со приказни за хаос, а не за неочекуваната победа на надежниот кандидат. Со ова се подгреа една од најчудните идеи кои се јавија кај крајната левица, а тоа е дека Бутиџиџ е агент на ЦИА.

Иако градоначалникот на Саут Бенд, Индијана, за влакно го победи демократскиот социјалист, сенаторот Берни Сандерс, во пребројувањето на гласовите на делегатите на изборите за партиска номинација во Ајова, хаосот во тој процес поради неисправната апликација дизајнирана од фирма чии вработени го поддржуваат Бутиџиџ, ги подгреа теориите на заговор. Некои поддржувачи на Сандерс сега тврдат дека во најдобар случај намерно биле направени пропусти, или во најлош случај било наместено. Можеби ова се постигна со помош на истите тактики кои САД ги научија од соборувањето од власта на странските демократски лидери.

Секако ова не е точно. Изборниот процес во Ајова беше крајно лошо организиран, но гласањата за партиска номинација отсекогаш биле хаотични, особено поради смешните математички пресметки. Ниеден од теоретичарите не може да даде јасно објаснување како можат изборите да се наместат, во процес во кој кандидатите отворено ја даваат својата поддршка и каде што набљудувачите од различни табори го документираат процесот. Цврсто освоеното второ место на Бутиџиџ во Њу Хемпшир во вторникот, треба да сведочи за фактот дека тој има значителна поддршка во партијата.

Но иако овие теории можеби се производ на интернет-страниците кои се занимаваат со теории на заговор и на политичкото мудрување на Твитер, ова исто така во принцип претставува погрешно сфаќање на самите компетенции на ЦИА, или нивен недостиг, како и на цената која ја плаќа развиениот свет поради аматерското однесување на агенцијата.

Левичарскиот портал „Грејзоун“ предводи со поделикатни теории за наводните врски на Бутиџиџ со ЦИА. Серијата на статии во кои се тврди дека режимот за национална безбедност го „подготвувал“ Бутиџиџ за доаѓање на власт, и во кои воедно се наведуваат слабите врски меѓу него и ЦИА, беа масовно споделувани на Интернет особено од страна на страници на Фејсбук што го поддржуваат Сандерс. („Грејзоун“ истакнува дека нема директни тврдења дека Бутиџиџ е агент на ЦИА, туку дека текстовите укажуваат на тоа).

Да бидеме искрени, самото минатото на Бутиџиџ дава материјал за поттикнување на теориите на заговор. Во консултантската фирма „Мекинси“, Бутиџиџ нудел совети за цените на земјоделски производи за канадскиот гигант „Лоблоус“, компанија која подоцна беше вмешана во скандал за диктирање на цената на лебот. „Мекинси“ исто така е омилен соработник на ЦИА, иако таа соработка повеќе опфаќа реорганизација на бирократијата во агенцијата отколку местење на избори.

Потоа Бутиџиџ им се приклучи на морнаричките резервисти и беше испратен во Авганистан, каде што меѓу другите задачи работел и во разузнавање. Не е јасно каде во неговото работно искуство, Бутиџиџ, наводно, бил регрутиран да работи за агенцијата. Ниту некој може да објасни како неговата воена улога некако прераснала во ангажман за ЦИА, освен двете улоги кои го вклучуваат разузнавањето. 

Ова не значи многу за јавноста која сака да се увери дека ЦИА стои зад сè. Теориите на заговор кои кружат за Бутиџиџ најчесто сакаат да го објаснат подемот на центристичкиот демократ со релативно агресивна надворешна политика на изборите за партиски кандидат, кои инаку тежнееја кон левицата. Бутиџиџ прогласи победа на изборите во Ајова пред да бидат објавени резултатите, затоа што според тамошните чудни правила генерално сите сами ги пребројуваат гласовите. Ова дури ни Хуан Гваидо не го направи, туку ги оспори венецуелските избори велејќи дека се наместени и се самопрогласи за претседател на Националното собрание. Има разлика меѓу избори кои ви даваат контрола врз нацијата и избори за партиска номинација која во најдобар случај даваат шанса „за влијание“ и номинација.

Колку и да се бесмислени, теориите на заговор зачудувачки им одговараат на околностите на овие избори за партиски номинации.

Превод: Билјана Здравковска