Пирати киднапираa 15 морнари од турски брод, еден убиен

122

Во насилeн напад во близина на брегот на Нигерија пирати киднапирале 15 морнари од турскиот брод „Моцарт“, а еден член на екипажот бил убиен. Според официјалните владини податоци, врз основа на списокот на членови на екипажот доставен до „Ројтерс“, мртвиот човек е од Азербејџан, а морнари од Турција биле киднапирани.

Бродот со знаме на Либерија пловел од Лагос до Кејптаун кога бил нападнат во Гвинејскиот Залив во југозападна Африка. Екипажот, членовите на нивните семејства и разузнавачки извори го опишуваат нападот како внимателно испланиран и добро организиран, во кој вооружени пирати се качиле на бродот и, најверојатно, употребиле експлозив. По нападот, капетанот продолжил да управува со бродот слепо бидејќи сите команди биле оштетени и работел само радарот, како што објави турската новинска агенција „Анадолија“. Тој и уште неколкумина морнари биле претепани од пиратите, а повеќе членови на екипажот, кои останале на бродот, завршиле со повреди, според капетанот.

Турските медиуми се повикаа на објавата на компанијата „Боден“, со седиште во Истанбул, која е сопственик на бродот, а во која се наведува дека сопствениците и операторите на бродот биле киднапирани со употреба на оружје. Компанијата не беше достапна за коментар, според Си-ен-ен.

Кабинетот на турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, вчера објави дека е организирана акција за спасување на киднапираните морнари. Турското Министерство за надворешни работи објави дека пиратите не се обиделе да стапат во контакт со Анкара.

Пиратите во Гвинејскиот Залив киднапираа 130 морнари во 22 инцидента минатата година, а последниот што се случи на „Моцарт“ може да доведе до меѓународен притисок врз Нигерија за зголемување на безбедноста на бродовите во нејзините води, како што беше побарано во последните неколку недели.