Пет работи што не се опфатени со трговскиот договор помеѓу САД и Кина

80

Со договорот „Прва фаза“ се опфатени само полесните аспекти од комплицираниот однос помеѓу Вашингтон и Пекинг и отстранува само некои од тарифите. Најголемите тешкотии допрва следуваат и може да го попречат постигнувањето на конечниот договор, кој, барем теоретски, би требало да ги отстрани сите тарифи и да донесе олеснување за глобалната економија

Речиси по две години непријателство, САД и Кина конечно го потпишаа договорот „Прва фаза“. Но со него се опфатени само полесните аспекти од нивниот комплициран однос и отстранува само некои од тарифите. Најголемите тешкотии допрва следуваат и може да го попречат постигнувањето на конечниот договор, кој барем теоретски би требало да ги отстрани сите тарифи и да донесе олеснување за глобалната економија. Работите што се изоставени од првиот договор укажуваат на најтензичните точки во односите помеѓу САД и Кина, како и на проблемите што би можеле значително да ја отежнат втората рунда од преговорите помеѓу двете страни. Во продолжение следуваат пет клучни моменти што не се опфатени со договорот „Прва фаза“.

Индустриски субвенции и „Произведено во Кина 2025“

Договорот не ја опфаќа кинеската амбициозна програма „Произведено во Кина 2025“, која е дизајнирана да им помогне на кинеските компании да се усовршат и да станат светски лидери во новите технологии. Со договорот исто така не е решено прашањето за субвенциите што Кина им ги дава на државните компании. Вашингтон ја смета оваа програма за директна закана за неговата супериорност во технологиите, предупредувајќи дека кинеските компании се на исто ниво со американските благодарение на нефер и голема помош од кинеската влада, во облик на субвенции.

„Хуавеи“

Трговскиот договор нема да го намали американскиот притисок врз „Хуавеи“, кинескиот телекомуникациски гигант што се најде во средината на трговската војна помеѓу двете земји. Тоа сигурно ќе ги разочара и „Хуавеи“ и кинеската влада, која е гневна поради тоа што Вашингтон ја поврза судбината на компанијата со односите помеѓу САД и Кина. Кинеската компанија стана симбол на технолошкото ривалство помеѓу САД и Кина, а Вашингтон лобираше кај своите сојузници, вклучувајќи ја и Британија, да не ја користат технологијата 5Г на „Хуавеи“ во критичната комуникациска инфраструктура, обвинувајќи дека Пекинг би можел да ја искористи за шпионирање на корисниците. „Хуавеи“ ги отфрли таквите обвинувања и се надеваше дека ќе се смени ставот на Вашингтон доколку се подобрат односите помеѓу САД и Кина.

Пристап за странските фирми за финансиски услуги

Иако во договорот се споменува отворањето на пазарот за фирмите за финансиски услуги, некои аналитичари сметаат дека со него не е доволно направено за да се обезбеди дека овие фирми ќе имаат рамноправен пристап до пазарот. Кина веќе јавно соопшти дека го отвора својот сектор за финансиски услуги и неодамна дозволи странски компании да имаат поголем удел во кинески фирми. Но со тоа Кина не направи големи отстапки, бидејќи кинескиот сектор за финансиски услуги сега е доминиран од домашните компании за дигитално плаќање.

Спроведување и интерпретација

Во договорот има механизам за решавање спорови, кој во основа бара од Кина да почне консултации со САД откако ќе биде поднесена жалба, при што фокусот е на Пекинг, кој мора да го реши спорното прашање. Но со договорот не е опфатено како САД ќе го следат спроведувањето. Договорот исто така не го покрива прашањето за тоа како двете страни ќе ги толкуваат овие клучни аспекти од спогодбата. Веќе има знаци за разлики. Кинеските државни медиуми сугерираат дека механизмот за решавање спорови не е диктиран од САД, што, пак, е спротивно на пораките што пристигнуваат од Вашингтон.

Понатамошно намалување на тарифите

Договорот исто така не вклучува конечна временска рамка за тоа кога тарифите, што сега се во сила, ќе бидат укинати. Истражувањето на институтот „Питерсон“ за меѓународна економија покажува дека просечните тарифи кај двете страни и понатаму се за 20 отсто повисоки од нивото пред почетокот на трговската војна – и шест пати повисоки по почетокот на спорот. Тоа значи дека компаниите и потрошувачите сѐ уште плаќаат повеќе. Администрацијата на Трамп наводно ја остави заканата за тарифи како алатка за „дисциплинирање“ на Кина, доколку Пекинг не се придржува до своите обврски.


 

Различни реакции за постигнувањето на договорот

Додека американскиот претседател Доналд Трамп оцени дека постигнатиот договор е „најголем договор што е виден досега“, кинеските државни медиуми го намалуваат неговото значење. Кинеските власти и државните медиуми многу претпазливо го опишуваат договорот. Претседателот Си Џинпинг го опиша договорот како знак дека САД и Кина може да ги надминат меѓусебните разлики преку дијалог, порачувајќи дека двете земји направиле напредок и дека треба соодветно да одговорат на меѓусебните забелешки, со што билатералните односи повторно ќе се вратат на „вистинскиот колосек“. Од друга страна, САД изгледаат како да се пооптимистички за понатамошните преговори, при што американскиот потпретседател Мајк Пенс изјави дека разговорите за втората фаза од договорот се веќе почнати.