Петнаесет лица загинаа во свлечиште во Индија

22

Во свлечиште предизвикано од тропски дождови загинаа најмалку 15 работници на полињата со чај во јужната индиска држава Керала, а спасувачките екипи трагаат по повеќе од 50 лица за кои се верува дека се закопани под урнатини, велат официјалните лица.

Свлечиштето се опојавило изутрината додека работниците спиеле во областа Идуки, изјави за Ројтерс еден од берачите на чај.

Петнаесет тела се извлечени досега и се стравува дека уште педесетина лица се заробени под свлечиштето. Еден тим на Националните сили за помош при катастрофи стигнал до местото на несреќата. Хеликоптерите не можат да бидат испратени бидејќи видливоста е многу лоша.

Речиси 20 сантиметри дожд паднале во областа Идуки во четвртокот, соопшти државниот метеоролошки институт.

– Областа беше погодена од дожд во текот на изминатите два дена и лизгањето на земјиштето започна по полноќ. Најтешко погодени беа работниците за плантажа со чај кои спиеја во тоа време – изјави Сурескумар, началник на полицијата во округот.

Во 2018 година, Керала беше погодена од најголемите поплави кога загинаа стотици луѓе, од кои повеќето од областа Идуки, пренесува „Ројтерс“.