Песков: Во инцидентот со украинските бродови, Русија дејствуваше во согласност со законот

92

Во инцидентот со украински бродови во Керченскиот Теснец руската страна дејствуваше во строга согласност со меѓународното право и домашното законодавство, изјави портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков.

– Се работи за инвазија на странски воени бродови во територијални води на Руската Федерација. Тие странски воени бродови влегоа во руски територијални води без да одговорат на барањата на нашите граничари, и воопшто не реагираа на никакви предлози – истакна Песков.

Според него, плановите на Киев да прогласи воена состојба по инцидентот во Керченскиот теснец најверојатно ги диктираат претстојните претседателски избори во Украина.

Песков рече дека засега не му е познато дали се планираат контакти меѓу рускиот лидер Владимир Путин и украинскиот претседател Петро Порошенко во врска со ситуацијата.

На новинарско прашање дали Путин планирал телефонски разговори со странски лидери во врска со инцидентот, портпаролот рече дека засега не е планирано такво нешто.

Тој не одговори на прашањето дали Русија уапсените украински морнари ги смета како воени затвореници.

– Не можам да одговорам на ова прашање. Во буквална смисла на зборот, не, со прекршителите на границата се постапува во строга согласност со законот – рече Песков.

Тензиите меѓу Украина и Русија околу Азовско Море ескалира вчера кога Киев ја обвини Русија дека нападнала украински брод и го блокирала пристапот до морето, кој се наоѓа меѓу Крим и источна Украина. Ситуацијата брзо ескалираше. Украина синоќа ја обвини Русите дека задржала три украински бродови, а претходно и пукале во нив, во оваа стратешка зона.

Двата блиндирани брода „Бердјанск“ и „Никопол“ и реморкерот „Јани Капу“ се обиделе да влезат од Црното Море во Керченскиот Теснец. Од вкупно 23 војници на бродовите, шестмина биле повредени во судирите, од кои двајца се во сериозна здравствена состојба, соопшти украинската армија.

Русија го потврди задржувањето на бродовите и „употребата на оружје”, обвинувајќи ги украинските бродови за „вршење нелегални активности во руските територијални води”.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, ја критикуваше „бандитската акција” на Украина. Таа рече дека прво имало провокации, потоа силен притисок, а потоа обвинувања за агресија од страна на Украина.

Украинската флота соопшти дека однапред ја предупредила Русија за трасата на трите задржани бродови. Според неа, бродовите минале неколку часа во Керченскиот Теснец, додека танкер за нафта, лоциран под Кримскиот мост, кој поминува над теснецот, го блокирал пристапот до него.

Овој теснец, кој е единствениот воден пат помеѓу Црното Море и Азовското Море, е стратешка оска од огромно значење за Русија и Украина.