Пентагон: Кина обучува воени пилоти за напади врз САД

186

Кина активно развива флота на бомбардери и веројатно обучува воени пилоти за напади врз САД, се наведува во најновиот извештај на Пентагон, јавува Си-Ен-Ен.

– Во последните три години, Народно-ослободителната армија на Кина брзо го прошири подрачјето на операции на бомбардерите и стекна искуства во поморските региони. Војската веројатно изведува вежби за напади врз САД и нашите сојузници – објави Пентагон во годишниот извештај за воениот развој на Кина.

Пентагон, исто така, наведува дека Кина развива нуклеарни способности на бомбардерите со долг дострел и дека кинеските воздушни сили „добиле нова нуклеарна мисија“.

Новиот извештај е објавен во време на тензии меѓу САД и Кина поради трговските царини и несогласувањата околу постапките на Пекинг на Тајван и во Јужното Кинеско Море.

Кина, пред објавувањето на извештајот, го критикуваше јакнењето на американската војска со новиот закон со кој се поддржува соработката на САД и Тајван против Пекинг.

Пентагон во извештајот уште наведува дека Кина развива „способност за војување во вселената“. Американскиот претседател Доналд Трамп неодамна најави основање на „Американски вселенски сили“ и изјави дека „вселената стана нов простор за војување, баш како и копното, морето и воздухот“.