Американската војска соопшти дека за почетокот на наредната година планира голема воена вежба во Европа, на која ќе учествуваат дури 20.000 војници од САД. Американската европска команда наведе дека маневрите „Бранител на Европа 20“ ќе бидат одржани од април до мај 2020 година, како поддршка за целта на НАТО да ја зголеми подготвеноста во сојузот и да ги одврати потенцијалните противници.

Како што пренесуваат светските медиуми, се очекува на вежбата да учествуваат војници од 18 држави. Покрај другите војници, ќе учествуваат и 9.000 Американци што веќе се распоредени во Европа, како и 8.000 европски војници. Според американската војска, вежбата само ја потврдува посветеноста на САД и на НАТО во одбраната на Европа.

Американскиот претседател Доналд Трамп претходно предизвика голема загриженост кај повеќе земји-членки на НАТО со изјавата дека Северноатлантскиот сојуз е „застарен“.