Патриотизмот на боливудската старлета втурнат во индиско-пакистанскиот спор

1367
Пријанка Чопра

Си-ен-ен

Пријанка Чопра, боливудската старлета и амбасадорка на добра волја за УНИЦЕФ, арогантно ѝ се обрати на Пакистанката Ајша Малик, која ја критикуваше актерката поради тоа што „поттикнувала нуклеарна војна против Пакистан“, и покрај нејзината функција во меѓународната организација.

Обвиненијата на Малик потекнуваат од еден инцидент кој се случи на крајот на февруари кога Индија и Пакистан, кои се нуклеарни сили, се најдоа на раб на војна откако Индија бомбардираше едно пакистанско село. Чопра на Твитер објави „Да живее Индија и нејзините вооружени сили!“. Конфронтацијата се случи на едно крајно невообичаено место, поточно на една конференција за убавина („Бјутикон“) во Лос Анџелес.

Значајно е тоа што вербалната расправија меѓу индиската актерка и пакистанската новинарка се случи исто така во време кога Индија и Пакистан повторно се на работ на војна. На 5 август, Индиската народна партија на премиерот Нарендра Моди, која одамна сака да ја претвори Индија во целосно хиндуска нација, ненадејно соопшти дека го укинува Членот 370 и 35А од индискиот устав. Овие одредби (кои стапија на сила кога Индија и Пакистан беа поделени во 1947 година) долги години им гарантираа автономија на спорните региони Јаму и Кашмир кои се наоѓаат долж границата меѓу двете држави. Со укинувањето, спорниот регион сега е директно под контрола на Индиската народна партија, која исто така неодамна ја приграби апсолутната моќ да може секого да го прогласи за „терорист“, без никаков доказ. Чопра во своето обраќање до Малик наведе дека „не сака војни, но е патриотка“. Но треба да постои граница меѓу патриотизмот и изразување на сочувство за судбината на Кашмир. Начинот на кој Чопра ѝ се обрати на Малик и фактот што дури и го покани Моди на нејзината венчавка со Ник Џонас, покажува дека таа не сочувствува со страдањата на жителите на Кашмир.

Ова ново толкување на „патриотизмот“ е оправдано игнорирање на страдањето на Кашмирците, муслиманите или секого кого Моди не го сака, што укажува на „култот на Моди“, како што го нарекува политикологот Капил Комиреди.

Во Боливуд, ваквиот „култ кон Моди“ со неговиот жесток хиндуистички фанатизам, се посвети на продуцирање на филмови што ја поддржуваат агендата на неговата партија, па така служат како еден вид на нејзин пропаганден инструмент. Не е изненадувачко тоа што кога илјадници војници беа испратени во Јаму и Кашмир, а еден милион Кашмирци беа згрозени од нивното изолирање и замолчување, боливудските филмски продуценти веќе добија наслови на филмови поврзани со Кашмир, кои треба да влезат во продукција, како што се „Кашмир е наш“, „Тробојното индиско знаме во Кашмир“ и „Член 370“. Продуцентот на биографскиот филм за Моди, кој исто така добил неколку нарачки, „сакал да открие зошто една држава добила толку привилегии. Но по историското прекројување на мапата од страна на премиерот Нарендра Моди, тој го добил совршениот крај на неговиот филм. Така од филм базиран на историски настани, добил историски филм“.

По уставните промени направени на 5 август, осум милиони жители на Кашмир беа изолирани од светот, така што, според „Њујорк тајмс“, речиси сите комуникации со надворешниот свет, од Интернет до мобилни и фиксни телефони, биле целосно отсечени. Исто така бил воведен и полициски час. Во изјавите на неколкуте новинари кои добиле пристап се наведува дека „населението се чувствувало како да е под опсада, збунето, исплашено и гневно од потресните настани“, како што пишува „Њујорк тајмс“. Жителите мора да молат некој од 40-те илјади војници во регионот да им даде дозвола да купат основни продукти како млеко. Храната за бебиња речиси е при крај, а кога завршува полицискиот час, стотици луѓе чекаат на ред да се јават на некој од фиксните телефони кои војниците ги оставија.

Има еден човек кој може да ја спречи војната во Јужна Азија, а не е ниту Индиец, ниту Пакистанец, туку Американец. На 22 јули годинава, американскиот претседател Доналд Трамп го пречека пакистанскиот премиер Имран Кан. На прес-конференцијата која следеше по состанокот, пакистанскиот премиер истакна дека „само најмоќната држава во светот, предводена од Доналд Трамп“ може да ги помири двете држави. Трамп од своја страна се согласи со неговата изјава и додаде дека премиерот Моди имал исто така слично барање. Трамп во јуни изјави дека „двете страни сакаат да се реши проблемот. Доколку може да помогне, со задоволство би ја прифатил улогата на посредник“. Според индиската влада, Моди не навел такво барање, факт што прецизно беше истакнат затоа што интервенцијата на Трамп би ја омаловажила моќта на Индија на меѓународната сцена.

Токму поради оваа причина, претседателот Трамп треба да ја искористи улогата на посредник. Индиската реакција на неговата понуда, па дури и арогантниот одговор на Пријанка Чопра околу критиките за нејзиниот став и оној на Индија, покажуваат сериозен недостиг на сочувство од страна на еден амбасадор на добра волја на УНИЦЕФ. Иронично е тоа што ова сигнализира дека амбасадорката на добра волја (како и индиската влада) претпочита меѓународната заедница да ја игнорира состојбата. Поради тоа што се премногу се внесени во култот на Моди, многу Индијци не се заинтересирани за спас на Кашмирците, па така останатите мора да се држат до своите ветувања и да преземат акција.

Подготвила: Билјана Здравковска