Парламентарни избори во Молдавија

46

Во Молдавија денеска се спроведуваат парламентарни избори, каде над три милиони Молдавци со право на глас ќе го изберат новиот состав на Парламентот. Првпат изборниот модел е мешовит, односно 101 пратеник ќе бидат избрани со комбинација на пропорционалниот и мнозинскиот систем, информира МИА.

Според последните испитувања на јавното мислење, во водство е Социјалистичката партија на претседателот на државата Игор Додон, која се залага за приближување кон Русија и влез на земјата во Евроазиската економска заедница. Се очекува оваа партија да добие околу 50 отсто од гласовите.

На второ место е коалицијата АЦУМ, каде се двете партии кои поддржуваат влез на Молдавија во ЕУ и НАТО.

На трето место е Демократската партија на олигархот Влад Плахотник, која заговара обнова на односите со Брисел, кои се влошени од 2018 година, но истовремено и за коректни односи со Москва.

Таа поранешна советска република, со 3,5 милиони население се наоѓа меѓу Романија и Украина и со години е растргната меѓу приврзаниците на оние кои се за приближување кон Европската унија и оние кои се за поблиски врски со Москва.