Пандемијата не го сопре богатењето на најбогатите светски династии

381

Седиштата на арената „Бад Вoлтон“ во Фејетвил, Арканзас, која секое лето е домаќин на немерливо богатство, овој пат беа празни, откако ковид-19 дојде на територијата на „Волмарт“, откажувајќи ја традиционалната годишна прослава на американскиот продажен синџир. На тој начин пропадна собирот на илјадници вработени, на кој се појавуваат и наследниците на Сем Волтон, односно на најбогатото семејство на светот, објавува „Блумберг“.

Но ниту пандемијата не го запре непрекинатото зголемување на нивното богатство. Семејството Волтон е побогато од кога било досега, инкасирајќи 25 милијарди долари во изминатата година, со кои нивното богатство нарасна на 215 милијарди долари.

Годините на вложувања во синџирот на „Волмарт“ и електронската трговија придонесоа за нагло зголемување на продажбата во првиот квартал од годинава, наспроти хаосот во трговскиот сектор.

Богатството на семејството Волтон е за речиси 100 милијарди долари поголемо во однос на капиталот на второто најбогато семејство Марс (се проценува на 120 милијарди долари) кое се занимава со производство на чоколадо, слатки и на производи за нега на домашни миленици. На третата позиција се наоѓа семејството Кох од „Кох индустрис“ кое тежи 109,7 милијарди долари. Браќата Фредерик, Чарлс, Дејвид и Вилијам своевремено ја наследија нафтената компанија од нивниот татко Фред. Несогласувањата околу контролата врз компанијата во раните 80-ти години резултираа со заминувањето на Фредерик и Вилијам. Компанијата оттогаш прерасна во „Кох индустрис“, конгломерат со годишен обрт од 115 милијарди долари.

Волтонови не се единствената од најбогатите светски династии кои профитираа годинава, во која богатството на „најтешките“ 25 династии се одржа стабилно на вкупни 1,4 трилиони долари.

Индиецот Мукеш Амбани (Рилајанс индустрис) стекна инвестиции од 20 милијарди долари за неговите дигитални платформи од април, зголемувајќи го најголемото богатство во Азија за 61 отсто во изминатата година. Неговиот капитал се проценува на 81,3 милијарди долари. Швајцарскиот клан Оери Хофман додаде 24 отсто на вредноста на богатството откако акциите на здравствената компанија „Рош холдинг“ пораснаа со продажбата за тестови за ковид-19. Богатството на семејството Џонсон кое се занимаа со производство на лекови и медицински уреди се зголеми за девет милијарди долари, со што сега изнесува 46 милијарди долари.

Зголемувањето на капиталот на најбогатите семејства резултираше со повици за воведување на нови даноци во ситуација кога пандемијата и масовните протести ја потенцираа нееднаквоста.