Пакистан депортира новинар што ја критикувал слободата на медиумите

36

Пакистанските власти депортираа американски новинар во Вашингтон откако тој пристигнал на аеродромот во Лахоре за да ја претставува глобалната група за слобода на медиумите „Комитет за заштита на новинарите“ (КПЈ), пренесува „Спутник“.

Стивен Батлер, координатор на Азиската програма во КПЈ планирал да присуствува на конференцијата „Асма Јахангир – Патоказ за човековите права во Пакистан“. Во јули, Батлер напиша статија во „Вашингтон пост“ за ударот на владата на премиерот Имран Кан врз слободата на медиумите во Пакистан.

Групата соопшти дека службеникот за имиграција на меѓународниот аеродром „Алама Икбал“ во Лахоре му рекол на Батлер оти визата му е валидна, но дека му била укината бидејќи неговото име е на списокот за запирање на пакистанското МВР. Исто така му бил одземен и пасошот, а тој бил принуден да се качи на летот за Доха во Катар. Оттаму катарските власти го качиле на лет за Вашингтон.

Барајќи целосно објаснување за инцидентот и исправање на оваа грешка, Џоел Симон, извршниот директор на КПЈ рече: „Ако владата е заинтересирана да ја покаже својата заложба за слобода на медиумите, треба да спроведе брза и транспарентна истрага за овој случај“.

Новинари и истакнати луѓе ширум светот го доведоа во прашање ставот на пакистанската влада и побараа од премиерот Имран Кан да интервенира во инцидентот.

– Секој што наредил да му се забрани влез на Стивен Батлер и го принудил да се врати во САД, всушност се обидува да му каже на целиот свет дека демократијата во Пакистан е измама и сите оние што сакаат да зборуваат за слобода на медиумите нема да бидат толерирани – дали е ова новиот Пакистан на Имран Кан – напиша истакнатиот пакистански новинар Хамид Мир на Твитер.

„Амнести интернешнел“ одлуката ја нарече ,,алармантен знак дека слободата на изразување продолжува да се напаѓа во Пакистан“.

– Имран Кан се фали со зголемена слобода на изразување во Пакистан, а на Стивен Батлер од КПЈ му беше забранет влез во Пакистан и покрај валидната виза. Овие фашистички дела му носат лоша репутација на Пакистан, а не луѓето како мене – изјави пакистанскиот активист за човекови права, Гулалаи Исмаил.