Пакистанскиот премиер сака да го обвини Моди за соучесништво во тероризам

36

Имран Кан ќе го искористи обраќањето во ООН за да ги нагласи наводните злосторства на индиската армија

Пакистанскиот премиер Имран Кан ќе одржи говор на генералното собрание во ООН веднаш по неговиот индиски колега Нарендра Моди, во кој сака да го обвини за соучесништво во мачењето и масовното притворање на демонстранти во индиски Кашмир.

Кан ќе го искористи обраќањето во Њујорк за да ги истакне наводните злосторства на индиската војска во сојузната држава Џаму и Кашмир откако владата на Моди ја укина автономијата на регионот.

Сардар Масуд Кан, поранешниот постојан пакистански претставник во ООН и сегашен претседател на сојузната држава Азад Кашмир под власта на Пакистан, изјави дека неговата влада верува дека 10.000 лица се притворени од страна на индиските безбедносни сили. Индиската влада ги негираше овие бројки.

Масуд Кан вели дека меѓу притворените се деца, момчиња, како и луѓе од сите возрасти и сфери. Во затворите биле мачени и тепани со стапови и јажиња, а доколку некој изгубел свест од таквата тортура, полицајци употребувале електрошокови за да ги освестат.

Извори од индиската влада велат дека одлуката за притвор е донесена на локално ниво за да се зачува законот и редот. Индиската војска ваквите обвинувања ги окарактеризира како „неосновани и непотврдени“. Врховниот суд во Индија издаде наредба на владата да се врати нормалниот живот во Кашмир, но притоа да го има предвид интересот на народот.

Претседателот на Кашмир Азад порача дека пакистанскиот премиер ќе ја искористи можноста во генералното собрание на ООН да „ја нагласи сериозноста на злосторствата во Кашмир и дека меѓународната заедница има одговорност да спречи тамошен геноцид. Индиската страна веќе извршува тероризам. Жителите на Џаму и Кашмир трпат бруталност на 900.000 индиски војници“. Исто така тој го бранеше скорашното апсење на 22 независни демонстранти во пакистанскиот дел на Кашмир каде што тој нагласуваше дека се работело за „толеранција на несогласување“.

Подготвила Билјана Здравковска