Падот на основачот на Фидеш: Од мегафон на Орбан до учесник во секс-скандал

595
Јозеф Сајер (десно) му беше десна рака на Виктор Орбан три децении

Јозеф Сајер му беше близок соработник на унгарскиот премиер на патот од дисидентство до десничарски популизам

Авторка: Лили Бајер

Политико

Како што се прошири веста дека еден од неговите европратеници присуствувал на забава со голи мажи и дрога наспроти карантинските мерки, унгарскиот премиер Виктор Орбан се соочи со дилемата дали да го поддржи својот близок соработник кој му беше десна рака три децении или целосно да го отстрани од својот круг. Одлуката сепак ја донесе многу брзо.

– Тоа што го стори нашиот претставник Јозеф Сајер нема место во вредностите на нашето политичко семејство – се огласи Орбан вчеравечер во провладиниот весник „Маѓар немзет“.

Иако истакна дека трудот на Сајер нема да се заборави, премиерот порача дека „неговите сегашни дела се неприфатливи и неодбранливи“. Беше соопштено дека педесет и деветгодишниот европратеник мора да се повлече од партијата Фидеш која ја основаше заедно со Орбан и останатите на крајот на 1980-тите години, како студентско движење против комунистичкото владеење.

Низ годините, Фидеш се трансформираше во десничарска, популистичка партија која се пропагираше како застапничка на христијанската, конзервативна Европа, а сега сè почесто му се спротивставува на Брисел. Самото политичко патување на Сајер ја отсликува таа трансформација. Но скандалот се заканува по угледот на партијата и на самиот Орбан со неговото гласачко тело, бидејќи Фидеш се подготвува за новите парламентарни избори закажани за 2022 година. За критичарите на партијата, делата на Сајер отворено покажуваат хипокризија, бидејќи партијата ги кршеше правата на ЛГБТИ-заедницата во изминатите години и беше обвинета за стигматизирање токму на овие лица. Скандалот, исто така, го зајакна поширокиот став меѓу противниците дека барем некои лидери на Фидеш не веруваат во архи-конзервативните политики и реторики, кои некогаш ги застапуваа и дека теоријата не ја претвораат во пракса.

Во Унгарија, Сајер е познат по тоа што контроверзниот устав на државата од 2011 година го напиша на „ајпад“, делумно додека патувал со воз од седиштето на Европскиот парламент во Брисел до Стразбур. На почетокот од постоењето на Фидеш, сексуалната ориентација на Сајер не беше предмет на интерес во рамки на партијата, а членството не го сметаше тоа за нешто важно.

– Сметавме тоа дека е дел од приватноста, но мислам дека сите претпоставуваа или знаеја – вели Иштван Хегедуш, еден од првите членови на Фидеш, кој подоцна ја напушти партијата.

Во 2015 година, друга поранешна политичарка од Фидеш, Клара Унгар, јавно соопшти дека Сајер е хомосексуалец што ги подгреа дебатите околу етиката на етикетирање на поединци како хомосексуалци, кога самите тие не се произнеле. Но Сајер јавно ги поддржуваше прашањата на партијата за ЛГБТИ-заедницата додека владата спроведуваше строги мерки.

Како адвокат кој ја започна својата кариера како доцент по Римско право, тој реши целосно да се занимава со политика. Но за разлика од неговите колеги во повисоките ешалони на партијата, никогаш не стана министер, а наместо тоа стана дел од Европскиот парламент во 2004 година.

Дури и надвор од Будимпешта, Сајер секогаш беше близок со премиерот. Орбан „секогаш ручаше или вечераше со Сајер“ кога беше во посета на Брисел, како што тврди еден член на Фидес, кој сакаше да остане анонимен. Партискиот член истакна дека Сајер е „во потесниот круг“ на премиерот и играл „важна улога“ во креирањето на европската политика на Будимпешта. Европратеникот често учествувал како претставник на Орбан во дебатите во рамки на центристичко-десничарското семејство на блокот, односно Европската народна партија (ЕПП). Еден нејзин претставник посочи дека бил „мегафон на Орбан во партијата и секогаш објаснувал дека левицата е свртена против сите нив“.

Луѓето кои што соработуваа со него низ годините го опишуваат како вреден и целосно лојален политичар. Тој исто така имаше репутација во Брисел на жесток бранител на унгарската влада во нејзините битки со европските институции кои ја обвинуваат Будимпешта за уназадување на демократијата и владеењето на правото. Членовите на ЕПП исто така го опишаа Сајер како резервирана личност која не сака да зборува за приватноста и да биде во центарот на вниманието, што остави чуден впечаток кога беше главен во собирањето на поддршката за ЕПП во претходниот законодавен дом.

Друг член на ЕПП истакна дека „кога оделе во работни посети, никогаш не ги дружел на пијачка по завршетокот на состаноците. Но како „главен собирач на поддршка, одлично ја извршувал функцијата која никој не сакал да ја спроведува“.

Превод: Билјана Здравковска