Откажано традиционалното доделување на Нобеловата награда во Стокхолм

116

Годинешните добитници на Нобеловата награда за медицина, физика, хемија, литература и економија првпат од 1944 година нема да патуваат во Стокхолм за да ги добијат своите награди поради епидемијата на коронавирусот, објавија организаторите.

Наместо церемонија во главниот град на Шведска, победниците ќе добијат медали и дипломи во земјите во кои живеат, се вели во соопштението на Нобеловата фондација.

Наградите традиционално се доделуваат на 10 декември, денот на смртта на шведскиот индустријалец Алфред Нобел, кој ја основа наградата. На тој ден шведската телевизија ќе емитува емисија, во која ќе биде прикажано доделувањето на наградите за оваа година во разни делови на светот, објави Нобеловата фондација.

Норвешкиот комитет за Нобелова награда, кој ја организира Нобеловата награда за мир во норвешката престолнина Осло, објави дека годинашната церемонија нема да се одржи во градското собрание поради пандемијата на коронавирусот, туку во универзитетската сала, каде што беа доделени наградите од 1947 до 1989 година.

Како што е најавено, ќе има ограничен број луѓе на церемонијата во Осло, а лауреатите оваа година ќе присуствуваат на церемонијата лично или преку интернет. Забавата, што традиционално се одржува по доделувањето на Нобеловата награда за мир, е откажана.

Добитниците на Нобеловтаа награда се објавуваат во октомври, а церемониите традиционално се одржуваат на 10 декември во Стокхолм и Осло.