Осумчлено семејство загина откако со автомобил падна од гребен во Калифорнија

148

Осум лица, од кои шест деца, загинаа кога возилото во кое се наоѓале излета од патот и падна преку гребен во американската сојузна држава Калифорнија.

Џенифер и Сара Харт, лезбејски сопружници и обете на 39 годишна возраст, како и нивните шест посвоени деца, меѓу кои и едно кое стана славно во медиумите кога во 2014 година гушкаше полицаец за време на протестот во Портланд, загинаа во несреќата.

Телата на три деца биле пронајдени, додека полицијата трага по телата на уште три деца за кои се претпоставува дека се наоѓале во возилото.

– Ги имаме сите индиции да веруваме дека сите шест деца биле во возилото – изјави Том Алмон, локален шериф. Според него, целото семејство настрадало во несреќата.

Од канцеларијата на шерифот додаваат дека семејството Харт во петокот било посетено од социјалните служби за детска заштита по претходна пријава на соседите.

Соседите и рекле на полицијата дека го забележале парот и нивните шест деца како го напуштиле домот набрзина, накусо откако претходно не им отвориле на работниците од социјалните служби. Возилото било пронајдено во бездна три дена подоцна.

Телата на три деца биле пронајдени расфрлани околу автомобилот, додека двајцата родители биле во возилото.

Спасувачките служби денеска трагаат по телата на уште трите деца.

Полицијата не соопштува детали за причините за несреќата, а специјален сообраќаен тим истражува што довело до тоа возилото да излета од патот и да падне од гребенот.

Шерифот Алмон додава дека не веруваат оти возилото намерно излетало од патот.