Осрамотениот принц му остана верен на озлогласениот пријател

165
Принцот Ендрју (лево) и Џефри Епстајн

Британскиот принц Ендрју одбил да соработува со американските истражители кои сакаат да го испрашуваат во рамки на истрагата за секс-трговија во предметот што се води против Џефри Епстајн, изјави вчера федералниот обвинител во Њујорк, Џефри Берман, а пренесуваат светските медиуми.

Говорејќи на прес-конференција пред замокот на Епстајн во Њујорк, Берман, рече дека обвинителите и ФБИ контактирале со адвокатите на Ендрју и побарале да го сослушаат.

Принцот Ендрју минатата година објави дека се повлекува од своите кралски должности во време на скандалот предизвикан од тврдењата на една жена дека имала неколку сексуални средби со принцот на инсистирање на Епстајн, почнувајќи од нејзина 17-годишна возраст. Бакингемската палата одбила да даде коментар за овие случувања.

Вирџинија Робертс тврди дека по средбата со Епстајн на Флорида во 2000 година, милионерот ја однел на патување низ светот и вршел притисок таа да има секс со неколку постари мажи, меѓу кои наводно биле принцот Ендрју, двајца високо позиционирани американски политичари, богат финансиер и адвокатот Алан Дертовиц, кој сега е дел од тимот за одбрана за импичмент на претседателот Доналд Трамп.

Џефри Епстајн изврши самоубиство во ќелијата во затворот Метрополитан на Менхетн, во август минатата година. Тој чекаше судење за наводна сексуална злоупотреба на десетици малолетни девојки во Њујорк и на Флорида.