Ослободувањето на новинарите во Мјанмар е добиена битка, но војната допрва следува

43

На 511-от ден од нивното апсење, Ва Лоне (33) и Кја Сое Оо (29), станаа највидливи симболи во борбата за заштитата на слобода на печатот на светот. Минатата година, „Тајм“ ги прогласи за добитници на наградата „Личност на годината“, поради нивната улога во борбата за заштита на слобода на печатот. Во април тие се здобија со Пулицерова награда за нивниот ангажман во оваа област, поради што беа и затворени.

Во јавноста се појавија разни шпекулации за тоа што точно се случило со овие двајца млади новинари кои се осмелија да ги разоткријат злосторствата кои ги сторила озлогласената војска на нивната држава. Тие беа осудени дека поседуваат државни тајни и добија затворска казна од седум години. Завчера, тие беа ослободени со помилување од претседателот на Мјанмар, Вин Минт.

– Пресреќен сум што ќе си го видам семејството и колегите. Едвај чекам да отидам во мојата редакција – кажал Ва Лоне во кратка изјава надвор од затворските порти.

Низ целиот свет се раширија фотографии и видеа од емотивните средби на новинарите со нивните сопруги и ќеркички, пренесува „Тајм“.

Иако ослобудувањето на овие двајца новинари е навистина убава вест, сепак, тоа не може да се смета за победа во глобалната борба помеѓу независните медиуми и владите кои сакаат да ги контролираат. Најмалку 250 новинари беа затворени во 2018 година. Адвокатите на Ва Лоне и Кја Сое Оо со право констатираа дека ова е добиена битка, но не добиена војна. Многу други новинари низ Азија сѐ уште се зад решетки.

– Не мислам дека владата на Мјанмар заслужува заслуги за ова, тие и понатаму се негативци – изјавил Робертсон, од невладината организација Хјуман Рајтс воч.