Општ штрајк во Каталонија – илјадници демонстранти на улиците на Барселона

54

Барселона и цела североисточна Каталонија денеска се блокирани поради бројни штрајкови и демонстрации организирани во знак на протест против изречените казни за каталонските сепаратисти.

Генералниот штрајк е организиран на повик од синдикатите кои се залагаат за независност на Каталонија, а илјадници демонстранти пристигнуваат во Барселона, каде вечер ќе бараат ослободување на затворените каталонски сепаратисти на масовен протест, пренесува агенцијата „АП“.

Шпанските власти соопштија дека 57 летови се откажани, а демонстрантите уште утрово ја блокираа границата кон Франција и уште најмалку 25 патишта.

Значително е намален и бројот на железнички линии, а затворени се и голем број на продавници и фабрики.

Затворена е и познатата катедрала и прпознатлива локација во Барселона, Саграда фамилија, бидејќи демонстранти го блокираа влезот во неа.

Здравствените власти соопштија дека 42 лица се повредени во протестите во четвртокот вечерта и оти 16 лица се уапсени, од кои осуммина се испратени во затвор.

Шпанскиот министер за внатрешни работи Фернандо Гранде Марласка изјави дека властите следат мала група демонстранти која предизвикува инциденти на одредени места.

Тој додаде дека туристите можат без никакви проблеми и страв по нивната безбедност да ја разгледуваат Барселона.