Опасната игра во Ормутскиот Теснец има последици

566

Иран ја повика Велика Британија да го ослободи запленетиот нафтен танкер и ги предупреди западните сили да го напуштат регионот поради тоа што тие и другите земји од регионот се сопособи да ја одржат безбедноста во овој дел до земјата, пренесува „Гардијан“.

Кралската морнарица на Британија минатата недела заплени ирански нафтен танкер, под сомнение дека ги крши европските санкции со транспортирање на нафта во Сирија.

– Ова е опасна игра и има последици од акциите. Правните причини за заплената не се валидни и ослободувањето на танкерот е во интерес на сите земји – изјави министерот за надворешни работи на Иран, Абас Мусави.

Иран предупреди дека ќе преземе реципрочни мерки доколку Британците не го ослободат танкерот.

Британските власти вчера објавија дека три ирански бродови се обиделе да го блокираат патот на еден британски комерцијален брод при поминувањето во Ормутскиот Теснец, преку кој се транспортира целата нафта од Блискиот Исток кон остатокот на светот. Иран ги отфрли овие обвиненија како неточни.

Тензиите меѓу Иран и западот продолжуваат да растат, една недела откако Британија го заплени танкерот, а Мусави ги обвини Британците дека тоа го направиле поради притисоците од САД.

Властите во Британија вчера алармираа и го зголемија нивото на безбедносна закана на највисок, трет степен, што според „Гардијан“ е еквивалентно на домашна безбедносна закана со неизбежен ризик за инцидент. Се проценува дека од 15 до 30 големи британски бродови минуваат низ Ормутскиот Теснец секој ден.