ОН: Светот се повеќе се оддалечува од поставените цели за климата

101

Светот се повеќе се оддалечува од поставените цели за запирање на глобалното затоплување, а амбисот меѓу амбициите на Парискиот договор за климата и количеството на ослободените штетни гасови се проширува, се наведува во денеска објавениот годишен извештај Програмата на ОН за животна средина (УНЕП).

– За да се задржи зголемувањето на температурата на Земјата под 2 степени Целзиусови, државите до 2030 година ќе треба тројно да ги зголемат своите напори за да ги остварат обврските преземени на Меѓународната конференција за климата одржана во Париз во 2015 година, се наведува во извештајот.

Во документот, објавен пет дена пред почетокот на 24-та Светска конференција за климата во полскиот град Катвовице, се истакнува дека за намалување на растот на глобалното затоплување до 1,5 степени Целзиусови, државите во светот ќе треба петкратно да ги зголемат своите напори за остварување на преземените обврски.

– Највознемирувачка вест е дека разликата меѓу сегашното ниво на емисиите на штетни гасови и нивото кое требаше да биде станува се поголема, изјави координаторот на извештајот Филип Дрост.

Според податоците на Меѓународната агенција за енергија, по три години непроменето ниво, емисиите на гасови што го предизвикуваат ефектот на стаклена градина, лани почнаа да се зголемуваат, а тенденцијата на нивниот раст продолжи и оваа година.

Во 2017 година емисиите на штетни гасови достигнаа 53,5 гигатони еквивалент на јаглерод диоксид, што е за 0,7 гигатони повеќе споредено со претходната година.

За задржување на зголемувањето на температурата на Земјата под 2 степени Целзиусови, до 2030 година човештвото треба да ги намали емисиите на штетни гасови на 40 гигатони еквивалент на јаглерод диоксид, а за ниво под 1,5 степени на 24 гигатони.

Според проценките на експертите, доколку продолжи сегашното ниво на загадување, емисите на штетни гасови до 2030 година ќе се зголемат на 59 гигатони еквивалент на јаглерод диоксидот.