Од луксуз до озлогласениот „Метрополитен“ – затвореникот Епстајн му се придружи на Ел Чапо

346
Скица од Џефри Епстајн за време на судењето во Њујорк

Блумберг

Берни Медоф и Џон Готи Помладиот служеа затворска казна во тој затвор. Пол Манафорт е таму во моментов, а Џефри Епстајн само што беше примен како затвореник број 76318-054.

Големиот казнено-поправен центар „Метрополитен“ во долен Менхетн е оддалечен на неколку километри и светлосни години од палатата во близина на Централ Парк, каде што Епстајн планираше да престојува кога ФБИ го уапси на аеродромот „Тетерборо“ во Њу Џерси во саботата. Во затворот заедно со него отслужува казна и познатиот мексикански нарко-шеф Хоакин Гузман – Ел Чапо кој повеќе од две години е сместен во озлогласеното десетто јужно крило.

Еден од адвокатите на Гузман, Џефри Лихтман, бил изненаден кога го видел Епстајн таму само два дена по неговото апсење, облечен во затворска униформа во ќелијата веднаш до конференциската соба во десеттото јужно крило, каде што адвокатите обично одржуваат средби.

– Сам седеше таму. Тој оддел таму е целосно изолиран. Епстајн нема да има никаков контакт ако остане таму – порача адвокатот.

Федералното биро на затворите потврди дека Епстајн бил задржан во тој објект, но генерално не споделуваат информации за условите во кои живеат некои од затворениците поради „приватни и безбедносни причини“. Адвокатите на Епстајн не одговорија на прашањата каде е сместен нивниот клиент.

Епстајн e примен во казнено-поправниот центар како затвореник број 76318-054

Регистрираниот сексуален престапник кој се соочува со нови обвиненија за трговија со бело робје за сексуална експлоатација, би можел да добие дозвола да го напушти затворот најрано на 15 јули, кога е закажано сослушувањето за одредување кауција.

Какви услови би можел да бара судот за негово пуштање да се брани од слобода?

Веројатно ќе побара „значителна“ парична сума (веројатно изразена во десетици милиони долари), куќен притвор и направа за следење на неговите движења прикачена на глуждот, објаснува Брендон Семпл, бранител и поборник за казнени реформи, кој отслужил над 11 години затворска казна, откако тој заедно со неколку други лица купиле поштенски марки со лажни и украдени чекови и потоа ги препродавале.

Во меѓувреме, Епстајн, кој има пристап до два приватни авиони и поседува приватен остров на Карибите, се чини дека ќе отслужува тешка казна. Разликата од животот на кој Епстајн досега бил навикнат ќе биде драстична, во однос на престојот во затворска ќелија во „Метрополитен“, смета Алан Елис, консултант и кривичен адвокат, авторот на водич за федералните затвори.

Семпл вели дека Епстајн (66) веројатно ќе биде сместен во ќелија од девет метри квадратни со еден кревет, тоалет со прикачен мијалник и импровизирано биро. За споредба, неговиот дом на Менхетн е огромен и вреди над 77 милиони долари, според извештајот на федералниот затвор.

Ако тој сè уште престојува во 10-тото јужно крило, кое е специјален оддел каде што се сместени терористи и други озлогласени криминалци, понекогаш и за нивна заштита, ќе биде затворен во ќелијата 23 часа на ден, со само еден час дозволен за слободни активности, како самостојно вежбање, смета Сем Шмит, кривичен адвокат од Њујорк, кој ги застапуваше оперативците на Ал каеда, кои се таму притворени.

Затворот „Метрополитен“

Внатрешен кафез

Тој еден час за слободни активности се одвива во внатрешен кафез, а затвореникот може да се откаже од таа привилегија. Прозорците на ќелиите се запечатени, свеж воздух влегува само низ прозорот од кафезот, а затворениците секогаш темелно се претресуваат.

Огромното кафено здание се наоѓа веднаш до Американската адвокатска комора, како дел од низата згради во кои се сместени седиштето на њујоршката полиција, два федерални суда и црквата Св. Андреј која датира од времето кога таа област била позната како „Фајв поинтс“, сиромашниот кварт прикажан во филмот „Бандите од Њујорк“.

Кога заоѓа сонцето, стаорци ноќе претрчуваат во уличката меѓу црквата и затворот, влегуваат внатре во објектите и во канализацијата. Затворениците велат дека стаорци има и во затворот.  Иако затворот важи за безбеден, сепак има обвиненија за корупција. Двајца затворски чувари лани се изјаснија за виновни откако признаа дека примиле мито за внатре да се внесат мобилни телефони и алкохол.

Во текот на судењето на турски банкар во 2017 година под обвинение дека сакал да ги избегне иранските санкции, главниот сведок на обвинителството, Риза Зараб, призна дека добил шверцувани предмети и дека еден затвореник му се заканувал оти ќе го убие со нож, затоа што соработувал со САД. Во 2016 година, еден чувар добил затворска казна од седум години поради тоа што силувал затвореничка во ходникот додека таа го метела подот.

Условите се многу поразлични од последниот пат кога Епстајн беше во затвор. Откако ја призна вината во обвиненијата за користење проституција во Флорида во 2008 година, тој доби казна од 18 месеци во затворот во Палм Бич. Во тоа време доби дозвола за да ангажира лична заштита, но и онака не помина многу време во затворот. Според весникот „Мајами хералд“, добил дозвола да работи во канцеларијата во Вест Палм Бич 12 часа на ден и дури шест дена во неделата.

Подготвила: Билјана Здравковска