Одметникот во борбата против ковид-19 го разгори историското ривалство

431

Кога францускиот премиер Жан Кастекс во четвртокот држеше прес-конференција во Париз, за да ги објави новите мерки за носење заштитни маски, во Марсеј се случи неверојатен сојуз на политичките противници, кои ги ставија разликите настрана и ги здружија силите со бунтовничкиот контроверзен микробиолог Дидие Раул. Историското ривалство помеѓу двата града доби нови размери. Прво далечните кралеви, а сега далечните политичари му кажуваат на Марсеј што да прави. Бунтовничкиот град го возвраќа ударот, пишува „Гардијан“.

– Владата во Париз одлучува што ќе биде добро за нашиот град без да се вклучи во потребниот дијалог со избраните претставници и пред сѐ, без да ни даде средства да ја почитуваме нејзината одлука – рече градоначалничката на Марсеј, Мишел Рубирола. 

На неа, во обвинувањата ѝ се приклучија и другите политички лидери, обвинувајќи ја власта во Париз дека ги смета жителите на Марсеј за „непослушни деца“, и затоа им наметнала да носат заштитни маски на отворено. 

Во меѓувреме, контровезниот Раул кој се залага за употреба на хидроксихлорокинот како чудесен лек против ковид-19, ја искористи можноста на својата прес-конференција да им зададе уште еден удар на париските елити. 

– Треба само да бидеме сериозни, да се подготвиме и да имаме оружје за да одговориме на ситуацијата смирено и со оптимизам, бидејќи песимизмот ги убива пациентите – изјави Раул.

Како самопрогласеното „чудо“ во медицинската заедница, 68-годишниот Раул е познат научник на полето на микробиологијата, особено по неговата работа со вирусите, но сепак претставува контроверзен лик поради скептичните ставови за Дарвиновата теорија, климатските промени, некои вакцини, па дури и за препораките за изложеност на сонце и консумирањето алкохол. Раул има 371.000 обожаватели на Фејсбук, а преку 200.000 следбеници на Твитер. Теоретичарите на заговор го користат неговото име за да се вклучат во дебати на Интернет.

Раул е локален херој во Марсеј. Тоа што неговите лекови и третмани се постојано озлогласени и напаѓани од експертите за него не претставува проблем и не му предизвикува загриженост. Тој, висок и слаб со бела брада, за многумина наликува на галскиот стрип-јунак Астерикс, додека со магичните напитоци (хлорокин и неговото соединение хидроксихлорокин) се бори против коронавирусот и Париз. Жителите на Марсеј го сметаат за еден од нив, иако тој потекнува од Сенегал. Раул беше обединувачка фигура во бунтот на Марсеј против Париз. Што и да се случува во градот, може да почека, но ривалството со Париз никогаш не престанува. 

– Пред една година, никој не знаеше за Раул надвор од малиот медицинско-научен круг. Но, тој знае како да ги користи социјалните медиуми, особено Јутјуб, за да се промовира. Тој е снаодлив, знае како работи популизмот и како да ги потегне конците за да добие финансирање. За Марсеј тој навистина е локална ѕвезда. Се разбира дека реалноста е нешто друго, но неговата популарност се сведува на одреден локален шовинизам – вели Беноа Жил, уредник на веб-порталот на весникот „Марсакту“. 

Раул е локална гордост за градот кој има лоша репутација. Марсеј е град кој постојано се стигматизира. Соочени со предрасудите, неговите жители го сметаат Раул за своевиден заштитник. 

Според Реми Годо, уредникот на дневниот весник „Л’Опинион“, целата ситуација со ривалството меѓу Марсеј и Париз, Раул и неговите методи против коронавирусот претставува „театар од најголеми размери“. 

– Љубителите на комедијата добија нова, современа презентрација од ривалството меѓу двата града. Единствената новост е тоа што сојузот е несекојдневен, меѓу политичките партии и контраверзниот микробиол-одметник – напиша Годо. 

Сепак, наводната „жртва“ на Марсеј траеше кратко. Во петокот, веднаш откако политичарите во Париз го направија задолжителното носење заштитни маски во Марсеј, истата мерка беше воведена и во главниот град.