Одмерувањето на нуклеарната моќ може да доведе до нова кубанска криза?

217

САД и Русија повторно се наоѓаат во ситуација на одмерување на нивната нуклеарна моќ. Нивните меѓусебни обвинувања за прекршување на договорот за нуклеарни сили го држат светот во страв од нуклеарна пресметка и ги враќаат спомените од времето на Студената војна, односно од кубанската криза и постојаната трка за вооружување и покажување на моќ, пренесуваат светските медиуми.

НАТО во неколку наврати ја повика Русија да го уништи нејзиниот ракетен систем 9М729/ССЦ-8 до август, со цел да биде зачувана спогодбата. Доколку Русија не го стори тоа, ќе се соочи со одговор од членките на НАТО.

Министрите за одбрана на НАТО ќе ги дискутираат нивните следни чекори доколку Москва го задржи системот за брзо лансирање од земја, за кој САД тврдат дека им овозможува брзо лансирање на ракети во опсег од 500 до 5.500 километри. Со тоа, велат тие, Русија ќе го наруши Договорот за уништување на нуклеарното оружје со среден и краток дострел (ИНФ) од 1987 гоидина.

– Ја повикуваме Русија да остане на вистинскиот пат, но сепак не видовме никаква индикација од страна на Русија да го стори тоа. Затоа, принудени сме да реагираме – изјави генералниот секретар Јенс Столтенберг.

За таа цел, силите на НАТО ќе спроведат почести летови со воени авиони во Европа, повеќе воени вежби и распределба на поморските сили на САД.

САД и НАТО бараат Русија да го уништи нејзиниот 9М729/ССЦ-8 нуклеарен ракетен систем. Русија го одби ова барање, истовремено тврдејќи дека не го нарушува договорт и ги обвини САД дека сакаат да се впуштат во повторна трка со вооружување.

Ова ја продлабочува пукнатината во релациите помеѓу Истокот и Западот, чии односи се влошија откако Русија го зазеде Крим и се вмеша во Сирија.

Европските земји стравуваат од повторување на нуклеарната пресметка за надмоќ помеѓу САД и Русија, исто како онаа што се случи во 80-тите години на минатиот век и го држеше светот во постојан страв од нуклеарна војна.

Русија негираше дека го прекршила договорот истовремено предупредувајќи дека распределбата на нукеарни ракети во близина на нејзината територија ќе има негативни последици.

– Распределбата на нуклеарните ракетни системи во близина на границата на Русија може да доведе до ситуација слична на кубанската криза во 1962 година – изјави рускиот заменик-министер за надворешни работи, Сергеј Рјабков.

Русија исто така е критична кон нуклеарните планови на САД, и повлекувањето од нуклеарниот договор кој беше склучен помеѓу американскиот претседател Роналд Реган и советскиот водач Михаил Горбачов.

За време на кубанската криза, во која откако САД разместија ракети од среден опсег во Турција во 1959 година, Русија испрати подморници кои направија блокада во близина на Куба, а ова го доведе светот на раб на нуклеарна војна. За среќа, кризата заврши со договор според кој САД требаа да ги повлечат проектилите од Турција и да дадат гаранција дека нема да извршат напад врз Куба.

Рускиот претседател Владимир Путин имаше слични забелешки во февруари годинава и предупреди дека Русија ќе одговори на секој потег направен од страна на САД во иста мера. Истиот месец, САД се заканија дека ќе се повлечат од Договорот за уништување на нуклеарното оружје со среден и краток дострел (ИНФ), доколку Русија не се придружува до него во рок од шест месеци. Русија негираше дека го прекршила договорот. В.Т.