Одбиен предлогот на Русија за нова истрага за „Случајот Скрипал“

491

Извршниот совет на Организацијата за забрана на хемиското оружје (ОПЦВ) денеска го одби предлогот на Русија за отпочнување нова истрага за труењето со нервен агенс на поранешниот руски двоен агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка во англискиот град Солсбери.

Советот го одби предлгот на Москва со 15 гласа „против“, шест „за“ и 14 „воздржани“.

Според дипломатски извори, покрај Русија, за нејзината иницијатива гласале уште и претставниците на Алжир, Азербејџан, Иран, Кина и Судан.

Русија го достави таквиот предлог од ОПЦВ, откако Велика Британија не ја покани да учествува во истрагата на експерти на Организацијата за „Случајот Скрипал“, чии резултати треба да бидат соопштени следната недела.

Велика Британија за труењето на Скрипал и неговата ќерка ја обвини Русија, која отфрла каква и да било вмешаност во случајот.

Русија денеска побара и утре да биде одржана отворена седница на Советот за безбедност на ОН, на која ќе бидат разгледани обвинувањата од Лондон дека Русија стои зад „обидот за убиство“ на Скрипал и неговата ќерка.