„Област 51“ на штрек ги очекува трагачите по вонземјани

139

Првите посетители на настанот „Упаднете во ’Област 51’, не можат да не запрат сите“, пристигнаа во близина воената база во пустината Невада, во САД, пренесоа американските медиуми. Поради големиот одзив, организаторот на „упадот“ Мати Робертс, реши да го пренамени настанот во музички фестивал, стравувајќи од проблеми доколку посетителите навистина се обидат да „јуришаат“ на областа која е предмет на бројни теории на заговор.

Музичкиот фестивал треба да биде со акцент на летала и вонземски живот. Утрово, толпи луѓе пристигнаа и кампуваат во близина на областа. Повеќе од два милиони луѓе изразија желба да бидат дел од сатиричниот настан кој е организиран преку Фејсбук.

Настанот  „Упаднете во ’Област 51’, не можат да нѐ запрат сите“, кој за кратко време стана популарен на Фејсбук и на кој преку два милиони луѓе се пријавија за учество и со нетрпение го очекуваа е конечно дојден. Одзивот, кој беше креиран од Мати Робертс како еден вид сатирична шега, и него самиот го изненади, пренесуваат американските медиуми.

Сепак, американските власти  упатија предупредување и најавија високи парични казни за оние што ќе упаднат во областа, во висина од 1.000 долари.

– „Област 51“ служи за тестирање на американската авијација и апелираме до сите да се откажат од обидот за влез на просторот каде што вршиме обука. Американското воено воздухопловство секогаш е подготвено да ја заштити Америка и нејзините поседи  – предупредија американските власти.

Мати Робертс

„Област 51“ се наоѓа во пустината Невада, во близина на Езерото Глум, е воена база која е цел на бројни теории на заговор поврзани со вонземјани и неидетификувани летечки објекти (НЛО) уште од 50-те години на минатиот век. Областа не дозволува пристап за цивили, опкружена е од електрични огради, предупредувачки знаци и вооружена стража, а активностите што се одвиваат во неа се тајни и недостапни за јавноста. Исто така, нелегално е да се прелетува над областа, но таа може да се види на мапите направени од сателитските снимки.

Во 1954 година, американскиот претседател Двајт Ајзенхауер одобри изградба на строго доверлива тајна база за тестирање на авиони. Уште од 1955 година луѓето тврдеа дека забележале Неидентификувани летечки објекти во близина на „Област 51“, воглавно поради тестирањата на авионот „У-2“, таканаречен „Дамата-змеј“ и „СР-71 Блекбрд“. ЦИА официјално го призна постоењето на областа во 2013 година. Набрзо потоа претседателот Барак Обама стана првиот американски претседател што ја спомна базата отворено во јавноста.

Точната примена на американската база не е позната, а љубителите на теориите на заговор веруваат дека американската влада крие тајни информации за вонземјани, односно веруваат дека базата се користи за чување на заробени НЛО или останки од вонземјани. Но, американските власти категорично ги отфрлаат ваквите тврдења.