Нуклеарните тајни на НАТО во Европа откриени по грешка

242
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и американскиот претседател Доналд Трамп

Неодамна објавениот, а брзо потоа и избришан документ од страна на тело на НАТО ја разбранува јавноста во Европа, поради наводната потврда за долгогодишната тајна дека САД го чуваат своето нуклеарно оружје во Белгија, Германија, Италија, Холандија и во Турција, пренесува „Вашингтон пост“.

Верзија на документот именуван „Нова ера на одвраќање од нуклеарното оружје? Модернизација, контрола на оружје и сојузнички нуклеарни сили“ беше објавен во април. Напишан од канадски сенатор во Комитетот за обрана и безбедност на собранието на НАТО, извештајот даваше оценки за иднината на Алијансата во однос на нивните политики за одвраќање од нуклеарното оружје.

Но, неколку месеци подоцна, јавноста ја разбранува наводното откривање на локацијата на околу 150 паричиња американско нуклеарно оружје кое е складирано во Европа.

Според копија од документот објавена од белгискиот весник „Де Морген“, во секција од извештајот посветена на нуклеарниот арсенал пишува дека „овие бомби се складирани во шест американски и европски бази – Клајне Брогел во белгија, Бухел во Германија, Авиано и Геди-Торе во Италија, Форкел во Холандија и Инџирлик во Турција.

Американскиот весник исто така додава дека минатата недела била објавена финалната верзија на извештајот, но овојпат без локациите на американските нуклеарни проектили.

Авторот на овој извештај и покрај обвинувањата за објавување на доверливи информации, рече дека сите информации содржани во документот се собрани од јавни извори.

Меѓутоа, неименуван извор на НАТО, вели дека ваков вид на информации не постојат во официјални документи на Алијансата.