Нуклеарниот инцидент ги подгреа шпекулациите за тајниот проект „Скајфол“

233

Фајненшел тајмс

Неколку дена по експлозијата на нуклеарната ракета, во која загинаа петмина и имаше неколкумина ранети, властите ги известија жителите на Нионокс да ги напуштат своите домови. Нионокс е село во северозападна Русија, кое се наоѓа во близина на тајна воена база за тестирање. 

Одлуката за евакуација следеше по објавата дека во соседниот град била измерена 16 пати повисока радијација, а во аптеките биле потрошени сите резерви на јод. Забраната за користење на чамци во водите околу базата беше дополнителна причина за паника. Потоа властите се премислија и одлучија жителите да останат во домовите и дека селото е безбедно, како што тие нагласија.

Но мистеријата околу експлозијата уште не е разјаснета. Хаотичниот одговор на минатонеделниот инцидент во објектот во Нионокс на Белото Море, една од главните руски воени бази за тестирање, и недостигот на прецизни информации од властите само ги подгреа теориите на заговор додека аналитичарите се обидуваат да откријат што се случило, и како тоа е поврзано со тајниот нуклеарен проект наречен „Скајфол“.
Рашид Асимов, нуклеарниот експерт во рускиот огранок на „Гринпис“ кој ги обвини властите дека „ширеле нецелосни информации за радиоактивната контаминација во медиумите“, вели дека „е незамисливо од луѓето да се кријат такви информации“.
Стравот од нуклеарна катастрофа и одлучноста на Москва да го држи инцидентот во тајност неизбежно ги врати сеќавањата на трагедијата од Чернобил во 1986 година кога Советскиот Сојуз реши да ја чува во тајност смртоносната радијација која се ширеше во населените области.

Обемот на експлозијата е мал во споредба со катастрофата во нуклеарната централа во тогашна советска Украина. Но иако руското министерство за одбрана изјави дека не се ослободени штетни хемикалии и дека не е променето нивото на радијација во најблиските области, сепак, податоците на руската метеоролошка агенција „Росгидромет“ укажуваат дека во Севердвинск, град кој се наоѓа на 30 километри од Нионокс, има зголемена радијација од 1,78 микросверти на час што не е опасно, но е 16 пати повисоко од нормалното.

Инцидентот исто така го зголеми интересот за најсовремените оружја од руската нуклеарна програма, на кои во моментов се работи, бидејќи се раскинати или веќе истекуваат договорите за контрола на оружјето што беа потпишани со САД во изминатите неколку децении.

Повеќето од шпекулациите беа насочени околу развојот на нуклеарни крстосувачки ракети познати како „Буревесник“ во Русија, а „ССК-Икс-9 Скајфол“ според НАТО, додека се сигнализира дека експлозијата била резултат на невнимателен тест на системот.

Државната нуклеарна агенција „Росатом“ порача дека експлозијата вклучувала „моќен изотоп за ракетен мотор со течно гориво“ што ги поттикна шпекулациите дека била користена технологија поврзана со оружјето „Скајфол“. Таквите теории ги потврди американскиот претседател Доналд Трамп, кој на Твитер објави дека „руската експлозија на „Скајфол“ предизвика загриженост кај граѓаните за воздухот во областа околу објектот, а тоа не е добро!“

Иако руското министерство за одбрана потврди дека се работи на ракетата „Скајфол“, Москва не сакаше да потврди дека таа била вклучена во несреќата.

– За жал се случуваат несреќи и трагедии, но во овој случај важно е да не се заборават хероите кои ги загубија животите во оваа несреќа – изјави портпаролот на Путин, Дмитриј Песков во вторникот, на првата прес-конференција на Кремљ по инцидентот.

Русија и натаму е „многу напред во споредба со постигнувањата на другите држави во однос на напредните ракетни технологии, како што додаде Песков.

– Точно е дека се случуваат несреќи, но во програмите за нуклеарни крстосувачки ракети мора да постојат планови – порача Анкит Панда, меѓународен безбедносен аналитичар во Федерацијата на американски научници.

Постојат многу малку информации за „Скајфол“ или како ќе функционира со нуклеарна технологија. Рускиот претседател Владимир Путин лани ја најави ракетата преку графичка видео-снимка на која можеше да се забележи како ги избегнува непријателските радарски системи пред да стигне до неговата цел.

Рускиот федерален нуклеарен центар, кој е истражувачка единица во рамки на „Росатом“, излезе со соопштение за инцидентот од 8 август дека таму „во моментов се работи на мали реактори“, еден вид на технологија што може да се користи во „Скајфол“.

Џефри Луис, експерт за неширење на нуклеарното оружје од Институтот за меѓународни студии „Мидлбери“, изјави дека на сателитски фотографии се гледала „Серебрајанка“, носачот на нуклеарно гориво, во близина на базата во Нионокс за време на експлозијата, што укажува на тоа дека „можеби била поврзана со тестирањето на нуклеарната крстосувачка ракета“.

Засега, 450-те жители остануваат во Нионокс, каде што честа појава се воените несреќи, како примерот кога застрани една крстосувачка ракета и погоди станбен дом.
Нуклеарните инженери кои загинаа во експлозијата беа погребани со почести во Саров, затворениот град во кој нема странци и е духовен дом на руската програма за нуклеарни оружја. Тројцата повредени се на лекување.

– Сè е мирно во Нионокс. Животот нормално си тече – за новинската агенција ТАСС изјави Ирина Сахарова, заменик-директорка на градските власти во Северодвинск.

Подготвила: Билјана Здравковска