„Нуклеарната дипломатија“ на Ким Јонг-ун ги држи Трамп и Путин во неизвесност

183
Ким Јонг-ун и Доналд Трамп се во преговори за трета меѓусебна средба

Ким Јонг-ун е во преговори за можни средби со американскиот претседател Доналд Трамп, како и со рускиот претседател Владимир Путин, со што остварувањето на состаноците зависи од условите што севернокорејскиот лидер ги истакнал, според светските медиуми.

Mожно е Ким Јонг-ун да ја посети Русија следната недела. Таа информација ја објави јужнокорејската агенција Јонхап, цитирајќи извори во Москва. Според јужнокорејската агенција, „многу голема” е веројатноста Ким да пристигне во Русија кон крајот на април и да има состанок со рускиот претседател Владимир Путин, најверојатно во Владивосток.

На 26 и 27 април, Путин ќе учествува на Форумот „Еден појас – еден пат“ во Кина. Според изворот, тој ќе се сретне со Ким, еден или два дена пред, или веднаш по форумот.

– Многу е веројатно дека средбата навистина да се одржи – изјави соговорникот на агенцијата.

Севернокорејскиот лидер исто така е заинтересиран повторно да се сретне со Доналд Трамп, но само доколку „САД го имаат вистинскиот пристап и ги испочитуваат условите на Ким Јонг-ун“ објавија државните севернокорејски медиуми во саботата, откако претходно американскиот претседател ја соопшти идејата за можна средба.

Ким Јонг-ун наводно, бара прифатливи услови за постигнување на спогодба за прашањата од т.н. „нуклеарна дипломатија“ помеѓу Северна Кореја и САД, кои очекува да бидат соопштени од страна на Доналд Трамп до крајот на годинава. 

Трамп, пак, ја понудил позната пофалба за севернокорејскиот диктатор и рекол дека неговата земја може да очекува „неочекуван раст, економски успех и богатство“ под негово раководство, а сето тоа ако се откаже од нуклеарното оружје.

Трамп и Ким веќе се состанаа два пати, во Ханој во февруари и во Сингапур во јуни минатата година, подобрувајќи ги односите, но без да постигнат договор за укинување на санкциите, во замена за прекинување на нуклеарната и ракетна програма од страна на Северна Кореја. М.К.