Норвешки рибари пронајдоа бел кит „руски шпион”

530

Пред неколку дена до рибарите во северниот дел на Норвешка доплива кит белуга, на којшто забележаа еден вид појас за кој се сомневаат дека потекнува од руската војска, според медиумите.

Професорот на норвешкиот Арктички универзитет во Тромзо, Аудун Рикардсен, е убеден дека појасот на китот е ставен со човечки раце, но не му е познато дека научниците во Норвешка и во Русија користат таква опрема.

Затоа, вели тој, контактирал со руски колеги, кои му рекле дека, најверојатно, појасот го поставила руската морнарица во Мурманск.

На појасот пишувало дека опремата е од Санкт Петербург, и дека имало држач за „го про“ камера.

-Знаеме дека во Русија имаат припитомени китови во заробеништво, кои понекогаш ги пуштаат во дивината или самите бегаат- објасни инспекторот Ингвед Ларсен.

Но, во Норвешка, која е една од земјите што го основаа НАТО, се убедени дека тоа е руски кит обучен за снимање и слични акции.

-Ако китот доаѓа од Русија, а постои голема шанса дека е, тогаш е јасно дека не постои поврзаност со некаков истражувачки институт, туку е дел од експеримент на нивната морнарица- смета Мартин Биув од норвешкиот Институт за истражување.

Американската и руската морнарица имаа тајна програма во која ги користеа морските цицачи за бројни задачи за време на Студената војна, но во последните неколку месеци се појави во медиумите приказната за нелегална фарма китови во источниот дел на Русија, каде што пред неколку недели одлучиле да бидат пуштени повеќе десетици китови.