Норвешки министер поднесе оставка поради приватна посета на Иран

60

Норвешкиот министер за рибарство Пер Сандберг денеска поднесе оставка по острите критики дека ги прекршил безбедносните протоколи со тоа што приватно патувал во Иран и Кина, а за што не ја известил владата. 

Сандберг (58) не ги наведе причините поради кои однапред не ги известил надредените за тоа патување – одмор во јули во Иран, каде што бил со својата партнерка Иранка, и пат во Кина во мај. 

По враќањето од Иран, неговиот службен телефон е предмет на норвешката разузнавачка служба, која проверува да не е хакиран, бидејќи агенцијата смета дека Иран е „земја со висок ризик“ кога станува збор за електронски надзор.  

Министрите имаат обврска да го известат кабинетот на премиерот за тоа каде патуваат без оглед на дестинацијата, а, исто така, им е забранета употреба на службен телефон во земјите со кои Норвешка нема воспоставено соработка на полето на безбедноста.

За нов министер за рибарство во норвешката влада е именуван Харалд Несвик.