Нови тензии околу Голанската Висорамнина

283

Американскиот претседател Доналд Трамп се очекуваше вчера да го потпише указот за признавањето на суверенитетот на Израел над Голанската Висорамнина во текот на посетата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Нетанјаху порача дека ќе ја скрати посетата на Вашингтон поради ракетниот напад врз Израел, во кој седум лица беа ранети, меѓу кои и три деца. Израелската војска најави мобилизација на илјадници војници.

Претходно, Трамп на Твитер објави дека Голанската Висорамнина е од „критично стратегиско и безбедносно значење за Израел и регионалната стабилност“. Израел ја анектира Голанската Висорамнина во 1981 година, иако чекорот не беше меѓународно признаен. Во резолуцијата на Советот за безбедност на ОН од истата година беше наведено дека „израелската одлука за наметнување на своите закони, јурисдикција и администрација во окупираната сириска Голанска Висорамнина е ништовна и без меѓународен правен ефект“.