Нови рунди на преговори меѓу нуклеарните суперсили

69

По неколкуте рунди разговори меѓу Вашингтон и Москва, кои се одржуваа од почетокот на годината, па досега и беа без напредок, двете страни конечно се договорија да го финализираат договорот за контрола на нуклеарното оружје Нов СТАРТ

Соединетите Американски Држави по подолго време одложување на преговорите со Русија за ограничување на нуклеарните арсенали, сепак, соопштија дека се подготвени да се состанат со Москва за да го финализираат договорот за продолжување на нивниот последен голем договор за стратегиско оружје Нов СТАРТ за една година. Ваквиот чекор Москва, исто така, веднаш го поддржа, за контрола на нуклеарното оружје, и се согласи да ги опфати сите видови боеви глави, но доколку Вашингтон го направи истото тоа.
– Ја цениме подготвеноста на Руската Федерација да направи напредок по прашањето за контрола на нуклеарното оружје. Соединетите Американски Држави се подготвени веднаш да се состанат за да го финализираат договорот. Очекуваме Русија да ги овласти своите дипломати да го сторат истото тоа – изјави портпаролот на Стејт департментот Морган Ортагус.
Во исто време, Русија предложи продолжување на договорот, кој треба да истече во февруари, за една година, велејќи дека е „подготвена, заедно со САД, да преземе политичка определба за ограничување на распоредените нуклеарни боеви глави со долг дострел, кои може да ги има секоја земја. Во своето соопштение, руското министерство за надворешни работи наведува дека замрзнувањето и продолжувањето на договорот за да се купи време за двете страни да разговараат за поголема контрола на нуклеарното оружје, ќе биде можно доколку Вашингтон не постави други барања.

Инаку, новата руска понуда дојде откако минатата недела Вашингтон ја одби претходната руска понуда за безусловно продолжување на пактот за една година. Новиот СТАРТ, потпишан во 2010 година, наметнува ограничувања на стратегиските нуклеарни арсенали на двете земји. Договорот може да биде продолжен за пет години, за што Москва соопшти дека е подготвена да го направи без предуслови. Евентуалното продолжување на спогодбата дури и за една година ќе значи светла точка во затегнатите односи меѓу двете земји, додека неуспехот да се продолжи и ќе го отстрани главниот столб за одржување на нуклеарната рамнотежа меѓу нив, јави Би-би-си.
Она што е познато е дека од почетокот на годината досега се одржаа неколку рунди разговори меѓу двете страни, но тие беа без напредок за можно продолжување на договорот. Претседателот Доналд Трамп уште во мај порача дека поради руското кршење на договорот, САД не можат понатаму да бидат обврзани со договорот „Отворено небо“, со кој им се овозможува на повеќе од 30 држави да вршат набљудувачки летови над туѓите територии, но навести дека е можно САД целосно да се повлечат од него.

Сепак, администрацијата на Трамп ја соопшти таквата одлука како резултат на новите преговори за контрола на нуклеарното оружје со Кремљ, за да се замени актуелниот договор што истекува, со можност за нов во кој би била вклучена и Кина. До неодамна високите претставници на администрацијата велеа дека Трамп дури е подготвен да го напушти договорот, што укажува колку видливо ќе се истакнуваат проверката и согласноста за контрола на оружјата во новите преговори.