Нови опасни игри на нуклеарните сили

177
Русија додаде уште две сценарија во кои би употребила нуклеарки

Русија ја промени својата нуклеарна политика во услови на засилени тензии со НАТО и во момент кога Москва и Вашингтон не можат да се договорат за иднината на новиот СТАРТ, последната голема спогодба што ги регулира нивните нуклеарни арсенали

Големите нуклеарни сили играат нови опасни игри во момент кога светското внимание е свртено кон борбата со пандемијата на ковид-19. Рускиот претседател Владимир Путин неделава го одобри стратегискиот документ за основите на руската нуклеарна политика на одвраќање, означувајќи ги создавањето и распоредувањето противракетни и ударни оружја во вселената, како една од главните воени закани за Русија. Документот што ја опишува политиката на Русија за нејзиното нуклеарно одвраќање беше објавен на Интернет во услови на тензии за контрола на оружјето меѓу Москва и Вашингтон во врска со иднината на новиот договор за намалување на стратегиското оружје (Нов СТАРТ), последниот голем договор што ги регулира нивните нуклеарни арсенали.
Според новата стратегија, руската политика за нуклеарно оружје е опишана како „одбранбена по природа“ и е дизајнирана да го заштити суверенитетот на земјата против потенцијалните противници. Сепак, во согласност со руската воена доктрина, документот истакнува четири сценарија во кои Москва би наредила употреба на нуклеарно оружје, од кои две се нови и вклучуваат потенцијални случаи за прва употреба на нуклеарно оружје.

Двата воспоставени протоколи дозволуваат употреба на нуклеарно кога непријателот употребува нуклеарно или друго оружје за масовно уништување против Русија или нејзините сојузници и во ситуации кога употребеното конвенционално оружје „е закана за самото постоење на земјата“. Од друга страна, двете нови одредби вклучуваат случаи во кои владата добива „доверливи информации“ за непосреден напад со балистички ракети или во случај на „влијание на непријателот врз критично важните владини или воени објекти на Руската Федерација, чие онеспособување би можело да резултира со неуспешна одмаздничка употреба на нуклеарните сили“.
Како главни закани за Русија се означени: зголемувањето на капацитетите на НАТО на територии и води близу земјата, приближување на ново оружје кон Русија, вклучувајќи и нови противракетни системи, распоредување офанзивни оружја во вселената и распоредување нуклеарно оружје во земји што не се нуклеарни сили (на пример, САД размислуваат за распоредување на своите нуклеарки во Полска), посочува Еурактив.

Објавувањето на документот доаѓа по одлуката на САД да излезат од договорот „Отворено небо“, кој им дозволува на потписничките да спроведуваат летови за да соберат информации за воените сили и капацитети и со тоа да придонесат за контрола на конвенционалното оружје и на стратегиското ударно оружје, со што се намалува ризикот од конфликт.
Излегувањето на САД и новата стратегија на Русија доаѓаат во време кога последниот преостанат голем договор за контрола на нуклеарно оружје меѓу САД и Русија, „Нов СТАРТ“, треба да истече во февруари 2021 година и Москва веќе предупреди дека нема доволно време за преговори за целосна замена. Администрацијата на Трамп бара нов договор за контрола на оружјето, во кој ќе биде вклучена и Кина, но Москва смета дека таквото решение е неизводливо, а експертите за контрола на оружјето веруваат дека е претешко да се постигне.

Во меѓувреме, Русија ги обвини САД и сојузниците во НАТО дека спроведуваат „провокативни“ воени вежби во близината на границите на руските нација, што само укажува на зголемените тензии меѓу Русија и НАТО. Москва нагласи оти годинава нема да спроведува големи воени вежби во близината на границите со земјите-членки на НАТО оваа година и обвини дека НАТО го игнорирал предлогот за намалување на воените активности на двете страни.
Северноатлантската алијанса ги откажа своите планирани вежби за време на пандемијата на ковид-19. Пред здравствената криза, Европа се подготвуваше за, како што тогаш оценија безбедносните експерти, најголемото префрлање на американски војници во Европа во изминатите 25 години. Притоа, околу 37.000 војници требаше да учествуваат во воената вежба предводена од САД „Европска одбрана 2020“, за префрлање на силите во Германија, Полска и во балтичките држави.