Нови воени бази од Австралија до Босна

191
Карикатура: „Нова Македонија“

СВЕТСКИТЕ СУПЕРСИЛИ ГИ ШИРАТ СВОИТЕ СФЕРИ НА ИНТЕРЕС

Изградбата на воени бази и трките за вооружување се новите алатки за борба за надмоќ на светските суперсили. Од таквата трка не е поштеден ниту Балканот, а последно случување во таа насока се најавите за изградба на руска воена база во Република Српска во Босна. Во меѓувреме, САД најавуваат изградба на база во Австралија, а подигање вакви стратегиски упоришта најавува и Кина.За воените аналитичари секое носење ново оружје на Балканот, без разлика од каде доаѓа, нема да донесе добро за народите што живеат тука

Од Европа па до Азија се крајните географски локации каде што светските суперсили САД и Русија во моментов се обидуваат на инсталираат свои воени утврдувања (поморски бази, аеродроми и касарни). Една таква најава е и последната во која се вели дека генералскиот врв на Кремљ планира да изгради свое воено упориште во српскиот дел на Босна и Херцеговина, со кое Москва практично и најавува дека планира да го зацврсти своето влијание на Балканот и во Европа. Во своето последно издание, германскиот весник „Велт“ пишува дека Русија сака воена база во Република Српска.

– Рускиот претседател Владимир Путин ги продлабочува своите релации со босанските Срби и на тој начин тој ја покажува својата одлучност за влијанието во регионот – пишува весникот, кој сепак не ја именува планираната локација за военото утврдување.

Во текстот се наведува дека освен Република Српска и соседна Србија ѝ е традиционален сојузник на Русија, но бидејќи оваа држава е економски послаба од членките на ЕУ во регионот таа практично на поклон добива разновидни оружја по цена од 185 милиони долари.

– Кога модернизацијата со руското оружје ќе заврши, Србија ќе ги има најсилните воздушни сили во регионот – се вели во анализата на германскиот весник.
Од друга страна, англискиот весник „Експрес“, коментирајќи ги актуелните случувања, прогнозира дека военото зближување меѓу Русија и Босна е составен дел од широката дипломатска битка меѓу Москва и НАТО за влијание во земјата и во светот.
Во контекст на овие случувања, за забележување се и информациите на западните медиуми за Балканот, кои се поврзани со рускиот хуманитарен центар што е лоциран во близината на воениот аеродром во Ниш во Србија.

Новинската агенција АП на оваа тема информира дека и покрај константните негирања на властите во Белград и во Москва, одредени западни невладини организации но и воени аналитичари тврдат дека на Русија оваа хуманитарна инсталација ѝ била наменета за ширење на руските воени интереси на Балканот.

На слична тема, пак, рускиот интернет-портал „Правда репорт“ пишува дека поради сѐ поагресивната политика на Вашингтон, во Москва се сѐ погласни оние што сметаат дека би било добро Русија повторно да ги отвори своите бази на Куба и во Виетнам.
Владимир Пондарјов, претседател на Комитетот за одбрана на Советот на Федерацијата, вели дека поради отвореното мешање на Американците во внатрешните прашања на земјите што се историски пријатели на Русија, не е исклучено руската војска да се врати на местата каде што порано постоеле советски воени утврдувања во Азија и во Јужна Америка.

Белградскиот политички аналитичар, Александар Бечиќ, пак, вели дека големите суперсили со градењето воени бази на Балканот се обидуваат да ја воспостават својата волја во регионот.
Според Бечиќ, овие случувања се крајно негативни за соседството без притоа да се прави разлика дали станува збор за изградба на американски или руски воени бази.
– Уверен сум дека секое носење ново оружје на Балканот, без разлика од каде доаѓа, нема да донесе добро за народите што живеат тука и сите ние од регионот би требало да се стремиме да ги минимизираме овие иницијативи – резимира Бечиќ.

[email protected]