Нови британско-шпански тензии околу Гибралтар

74

Шпански воен брод се обидел да принуди неколку комерцијални пловила да ги напуштат територијалните води околу Гибралтар, но по интервенција на британската Кралска воена морнарица го напуштил тоа подрачје, соопштија денеска гибралтарските автономни власти.

Инцидентот се случил кога шпанското воено пловило се обидело да ги принуди комерцијалните бродови вкотвени источно од Гибралтар, да ги напуштат британските територијални води, што тие го одбиле.

По ова, реагирала британска Воена морнарица, која распоредила свои бродови во регионот, по што шпанскиот воен брод отпловил долж брегот.

Во територијалните води на Гибралтар, што се наоѓа на југот на Пиринејскиот Полуостров, често доаѓа до тензии меѓу британските и шпанските бродови.

Лондон и Мадрид со децении спорат околу суверенитетот над Гибралтар, кој е под британска управа од 1713 година.

Гибралтар, кој е британска прекуморска територија со висок степен на автономија, има стретешко значење бидејќи се наоѓа на влезот од Атлантскиот Океан во Средоземното Море.