Неконтролираните изјави на Болсонаро му нанесуваат штета на Бразил

66

Осум месеци по преземање на власта во Бразил од страна на крајниот десничар Жаир Болсонаро, во земјата се појавува растечко незадоволство околу неговите бројни гафови и контроверзни изјави, како и влијанието кое тие го имаат врз позицијата на неговата држава во светот.

– Претседателот започна да претставува ризик за земајта – напиша бразилскиот весник „О Глобо“, во текстот во кој тие анализираат како „неконтролираните“ изјави на Болсонарно сериозно ги загрозуваат дипломатските односи на Бразил со другите земји.

Уште од почетокот на неговата претседателска кампања, изјавите на Жаир Болсонаро ги преполнија бразилските и светските медиуми. Според британски „Гардијан“, неговите последни изјави ги надминуваат и веќе ниските стандарди за тоа што на политичарите им е дозволено да кажат во јавноста.

– Од почетокот на август, тој повикуваше за криминалците „да умираат на улица како лебарки“, ги опиша можните нови левичарски лидери на Аргентина како „арамии“, еден бразилски новинар го нарече „крадец“, вербално ја нападна Норвешка и се исмеваше со Емануел Макрон и Ангела Меркел за повиците за спас на шумите во Амазон – пишува „Гардијан“.

Згора, тој неколку пати во своите изјави го користеше колоквијалниот збор за измет на португалски, еднаш во при одговор на новинарско прашање, а вторпат опишувајќи ги корумпираните политичари и комунистите во Бразил.

Светските медиуми истакнуваат дека се наоѓаме во ера на политички гафови, во која се истакнуваат американскиот претседател Доналд Трамп, неговиот бразилски колега Жаир Болсонаро (кој го заработи прекарот бразилскиот Трамп – н.з.), како и новиот британски премиер Борис Џонсон.

Гафовите на политичарите привлекуваат внимание, предизвикувајќи потсмев, критики и поделени мислења во јавноста, а истовремено отвораат и сериозни прашања, особено за нивните последици, односно за тоа како ќе се одразат врз оној што ги искажал, па така останува отворено прашањето дали и како бразилскиот лидер ќе „плати“ за своите вулгарности.