Нова трка за освојување на вселената

260
САД се вратија во елитниот клуб земји, покрај Русија и Кина, што можат да пренесуваат луѓе во вселената

Земјата стана тесна за големите сили

САД по девет години повторно самостојно испратија астронаути на Меѓународната вселенска станица. Тоа би можело да означи крај на одличната соработка со Русија и враќање на вселенската трка што владееше во 1960-тите

Американските астронаути Роберт Бенкен и Даглас Харли, во капсулата „Кру драгон“ на ракетата „Фалкон 9“, на 30 мај, полетаа од космодромот во Флорида кон Меѓународната вселенска станица (МВС), а НАСА објави: „Историјата е испишана“.
Тоа беше првпат лет да изврши приватна компанија, „Спејс-екс“, финансирана од Илон Маск, сопственик на „Тесла“. Американската вселенска агенција НАСА не разви свое вселенско летало уште од јули 2011 година. Но освен „Спејс-екс“, американскиот воздухопловен гигант „Боинг“ планира да изведе беспилотни летови до крајот на годинава, а со екипаж од наредната година.

Тоа е еден вид враќање на САД во елитниот клуб на земји што можат да пренесуваат луѓе во вселената. Само Русија и Кина сè уште се во овој клуб, пишува Дојче веле.
Русија и САД не беа ривали во вселенската трка во изминатите години, како што беше случајот за време на Студената војна. Двете земји всушност соработуваа добро. Американски шатлови летаа во руската вселенска станица „Мир“, а екипажот често беше мешан.

Во овој милениум, Русите редовно летаа од космодромот „Бајконур“ во Казахстан, заедно со американските астронаути.
Во еден период, Русија имаше целосен монопол, откако Американците ја прекинаа програмата, кога шатлот „Колумбија“ експлодира неколку минути пред следувањето во Флорида во 2003 година. Во експлозијата настрадаа сите седум члена на екипажот.
Но тој монопол Русија не можеше да го искористи така како што се користат монополите во економијата, туку беше и „такси-служба“ за Американците.

– Русија не можеше да го одбие тоа – изјави Игор Маринин од Руската академија за вселенски летови.
Според него, невозможно е да се одржи Меѓународната вселенска станица без Американците, затоа што „рускиот модул не е во состојба автономно да патува низ вселената“.
Изминатите девет години биле извршени 40 успешни лансирања на руски „Сојуз“ со американски астронаути во екипажот. Капсулата „Сојуз“ може да носи тројца патници, а руската агенција „Роскосмос“ наводно значително ги зголемила цените.
Според американски извори, едно патување до МВС и назад чинело 21 милион долари, а неодамна „Роскосмос“ побарал 80 милиони долари. Засега е договорен само уште еден заеднички лет, оваа есен по цена од 90 милиони долари.

Заострувањето на односите меѓу Москва и Вашингтон, особено по анексијата на Крим во 2014 година, не влијаеше врз вселенската соработка.
Пролетта 2014 година, Димитриј Рогозин, тогашен вицепремиер, а сегашен шеф на „Роскосмос“, се закани дека неговата земја нема повеќе да превезува американски астронаути на МВС. Но таа закана не се спроведе.
Неодамна рускиот претседател Владимир Путин го пофали „ефикасното партнерство“ помеѓу Русија САД, во видеоразговор со екипажот на МВС.
– Постои целосна координација со Американците – вели Маринин, додавајќи дека ова важи само кога станува збор за превозот на екипажи и опслужувањето на МВС.
Сосема е друга ситуацијата кога станува збор за испраќање сателити, кои имаат трговски или воен карактер.

Со исклучок на летовите со екипажи, Русија беше и останува во многу послаба позиција од САД, според експертот за вселенски летови Андреј Јонин. Според него, тоа е биде особено видливо кога Американците повторно успеаја да испратат астронаути на МВС.

– Падна и последната завеса што ги криеше рускиот недостаток на мотивација и застарената технологија. Владата би требало да сфати дека царот е гол – вели Јонин.
Експертот се надева дека Москва ќе ја искористи можноста за реформирање на „Роскосмос“ и ќе биде посилен натпреварувач во трката за освојувањето на вселената.
Ако се анализираат најновите случувања, се чини дека руско-американската соработка во вселената полека завршува. САД повторно ја сакаат Месечината, како и Русија. Москва исто така планира своја вселенска станица, која би ја заменила МВС. Јонин предупредува дека „непроценливото искуство на соработка“ може да се изгуби. Според него, ако секоја нација сака самостојно да ја освојува вселената, тоа ќе значи чекор назад и враќање во вселенската трка од 1960-тите. Но овој пат е уште поинтересно, бидејќи свои апетити имаат и Кинезите и Европејците.