Нова рунда разговори меѓу Грција и Турција во НАТО

68

Турската и грчката воена делегација денеска ќе го одржат шестиот круг технички разговори во седиштето на НАТО во Брисел за да разговараат за Источен Медитеран, соопшти турското Министерство за национална одбрана, пренесува „Анадолија“.

Разговорите, чија цел е да се намали ризикот од инцидент во услови на зголемени тензии во Источен Медитеран, беа испланирани по состанокот меѓу претседателот Реџеп Таип Ердоган и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Столтенберг денеска изјави дека дека техничките воени преговори меѓу Турција и Грција, предводени од НАТО, можат да помогнат во решавање на основните проблеми меѓу двата сојузника.

Тој посочи дека НАТО е загрижен во врска со тензиите меѓу двата НАТО-сојузника, додавајќи дека презеле иницијатива да ги обединат двата високо ценети сојузници да седнат и да разгледаат како можат да ги развијат воените механизми за деконфликција.

– Ова е во врска со тоа како да се осигуриме дека бродовите, авионите, ја држат потребната оддалеченост, и се однесуваат на одговорен начин. Значи спречуваме, избегнуваме инциденти и несреќи. И секогаш постојат ризици кога имате толку многу бродови на исто место на истата територија, како што видовме во Источниот Медитеран – рече тој.

Столтенберг, исто така, рече дека неговите неодамнешни разговори со грчкиот премиер, Кирјакос Мицотакис, и со турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, довеле до почеток на техничките воени разговори.

– Се надевам дека ако можеме да најдеме решение, да ги воспоставиме овие механизми, тогаш тоа може да помогне во поддршката на напорите предводени од Германија за олеснување на разговорите за основниот проблем – додаде тој.