Нова жестока дебата за расизмот во САД

332

Демократите остро го осудија претседателот Доналд Трамп за неговите коментари упатени кон четирите конгресменки и многу од нив порачаа дека станува збор за расистички напад

Конгресменките што беа цел на расистички критики од американскиот претседател Доналд Трамп, ги отфрлија неговите забелешки, истакнувајќи дека станува збор за обид за оттргнување на вниманието од хаосот и проблемите во администрацијата. Па, така, Александрија Оказио-Кортез, Илхан Омар, Ајана Присли и Рашида Тлаиб, сите од Демократската партија, го повикаа американскиот народ да не наседне на замката. Трамп претходно сугерираше дека четирите жени, кои се државјанки на САД и се познати како Тимот, „треба да се вратат дома“. Шефот на Белата куќа предизвика остри критики откако, исто така, порача дека тие потекнуваат од земји чии влади се комплетна катастрофа. Три од конгресменките се родени во САД, а Омар е родена во Сомалија, но како дете пристигнала во земјата.

– Ова едноставно е оттргнување на вниманието од големиот хаос и корупциската култура на оваа администрација. Ги отфрламе напорите на претседателот да нѐ маргинализира и да нѐ замолчи. Нашиот тим ги вклучува сите лица што се посветени на изградбата на поеднаков и поправеден свет – порача Присли.

Конгресменките инсистираат дека во фокусот треба да бидат здравството, оруженото насилство и, особено, притворањето мигранти на американската граница со Мексико.
– Очите на историјата нѐ гледаат – истакна Омар, отфрлајќи ги масовните рации за депортација и кршењето на човекови права на границата.

Според неа, отворениот расистички напад на Трамп против четирите жени е агенда на белите националисти и оти претседателот сака да ја подели земјата. Истовремено, Тлаиб порача дека тоа едноставно е продолжување на неговата расистичка и ксенофобна приказна.

– Остануваме фокусирани на тоа да бараме негова одговорност во согласност со законите на оваа земја – додаде Тлаиб, која е ќерка на палестински доселеници.
Од друга страна, и покрај реакциите на четирите конгресменки, Трамп продолжи со критиките до нив, порачувајќи им дека треба да ги напуштат САД ако постојано се жалат и се незадоволни.

– Ако не сте среќни тука, може да си заминете. Тоа е ваш и само ваш избор. Станува збор за љубовта кон Америка – истакна американскиот претседател на својот профил на Твитер.

Демократите остро го осудија претседателот и многу од нив порачаа дека станува збор за расистички напад. Спикерката на Конгресот од редовите на Демократската партија, Ненси Пелоси, најави резолуција за осуда на изјавите на Трамп. Пелоси ги повика републиканците да ја поддржат. Нејзиниот колега Чак Шумер изјави дека ќе претстави слична резолуција и во Сенатот.

– Ќе видиме колку републиканци ќе ја поддржат – истакна Шумер.

Од друга страна, како што јавува Би-би-си, републиканците беа мошне тивки во осудите на претседателот. Секретарот за финансии, Стивен Мнучин, истакна дека коментарите на Трамп не се расистички. Некои, меѓу кои и сенаторот Линдзи Греам, се фокусираа на политиката на четирите жени, кои се сметаат за прогресивни. Греам дури изјави дека тие се комунистки и против САД.

Понискорангираните републиканци, сепак, беа подиректни. Тим Скот, единствениот афроамерикански сенатор од редовите на републиканците, порача дека зборовите на Трамп се расно навредливи. Републиканскиот конгресмен Вил Хард, кој исто така има афроамериканско потекло, изјави дека коментарите на претседателот се расистички и ксенофобни.


Обид за придобивање на гласачите?

Американскиот претседател Доналд Трамп, според аналитичарите, по сѐ изгледа смета дека раздорната и навредлива реторика е негова најдобра шанса за реизбор на изборите за Белата куќа, кои ќе се одржат наредната година. Бен Роудс, советник за национална безбедност на бившиот претседател Барак Обама, истакнува дека Трамп пред осум години го лансира неговиот политички бренд со инсистирањето на тоа дека првиот афроамерикански претседател на САД е роден во Африка.
– Отсекогаш расизмот беше во прашање, а фактот дека тоа отсекогаш беше контроверзна работа е дел од проблемот – додава Роудс.
Трамп, како што наведува „Гардијан“, во 2016 година стана претседател и покрај тоа што не освои мнозинство на гласовите, благодарение на сложениот изборен систем во САД. Тој ја доби поддршката на 46 отсто од излезените гласачи, додека, пак, демократската противкандидатка Хилари Клинтон освои 48 проценти. Сите сигнали од почетокот на неговата кампања за реизбор досега сугерираат дека тој се надева да го повтори трикот во клучните сојузни држави Мичиген, Пенсилванија и Висконсин – кои имаат предоминантно бело население. Гледано низ оваа перспектива, неговите напади на четирите конгресменки можеби е пример за цинична и засилена стратегија за самоодржување.
Трамп воопшто не ги сметаше за запаливи или многу навредливи доведувањето во прашање на родното место на Обама, повикот за забрана за влез на муслиманите и ветувањето за изградба на ѕид на границата со Мексико. Всушност, тој е поддржуван од жестокото гласачко тело и никогаш не беше повикан на одговорност за неговите зборови и постапки.
– Заедно со неговите тврдокорни поддржувачи, Трамп исто така ќе укаже и на силната економија со ниска невработеност. Овој пат, белата средна класа без сомнение е во подобра состојба. Што имаат демократите да понудат? Тоа е прашањето што ќе го постават – оценува Џон Зогби, изборен аналитичар и писател.
Рон Браунштајн, уредник во „Атлантик“, истакнува дека под Трамп, републиканската коалиција стана претежно фокусирана на гласачите и деловите од државата што најмногу не се согласуваат со демографските промени.
– Истражувањето на институтот „Паблик релиџион рисрч“ покажува дека две третини од републиканците сметаат оти растечкиот број на имигрантите е закана за традиционалните американски вредности и традиции, во споредба со 60 отсто од општата популација во САД, која смета дека имигрантите го зајакнуваат општеството. Трамп ги фокусира републиканците првенствено на деловите од земјата што најмалку се чувствуваат пријатно со сите овие промени. Вџашувачки е тоа колку мал број републиканци сакаат јавно да проговорат против оваа редефиниција на партијата – додава Браунштајн.


Критики од американските сојузници

Лидерите на неколку земји-сојузнички на САД упатија критики до американскиот претседател Доналд Трамп поради неговите расистички коментари. Па, така, новозеландската премиерка Џасинда Ардерн изјави дека целосно ги отфрла и не се согласува со изјавите на шефот на Белата куќа. И нејзиниот канадски колега, Џастин Трудо, исто така ги отфрли коментарите на Трамп.
– Ова не е начинот на кој работиме во Канада. Канаѓанец е Канаѓанец – порача Трудо.
Се огласи и британската премиерка Тереза Меј, која истакна дека таквите изјави се целосно неприфатливи. Со реакција се јави и Садик Кан, првиот муслимански градоначалник во историјата на Лондон.
– Во мојот живот честопати ја слушав пораката „врати се дома“, но таа доаѓаше од расисти и фашисти, никогаш од големи политичари – изјави Кан.